Фото: Министерство за спорт

Во оваа пригода сакаме да изразиме голема благодарност до Министерството за спорт и до министерот Борко Ристовски за безрезервната поддршка, а ние како федерација со сигурност ќе ја оправдаме довербата, информираат од ЏФМ

ЏУДО

По одржаната работна средба на претседателот на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ), Владимир Трпаноски, и министерот за спорт Борко Ристовски, на која се разговараше за клучни работи поврзани со џудо-спортот, со задоволство можеме да објавиме дека таа даде плод. Во своите највисоки приоритети Министерството за спорт го става џудото, кое е најраспространет боречки спорт во светски рамки и котира како еден од најпрактикуваните спортови на летни олимписки игри (ЛОИ), и силно ќе застане во поддршка со голема финансиска помош директно до Џудо-федерацијата на Македонија како и директна финансиска помош за напредни талентирани џудисти, информира Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ) на својата интернет-страница.
Оваа заложба на Министерството за спорт е од круцијално значење за џудо-спортот во Македонија и ќе даде дополнителен стимул за уште поголем развој на овој олимписки спорт.

– Во оваа пригода сакаме да изразиме голема благодарност до Министерството за спорт и до министерот Борко Ристовски за безрезервната поддршка, а ние како федерација со сигурност ќе ја оправдаме довербата – информираат од ЏФМ.
ЏФМ токму годинава беше шест дена успешен домаќин на вториот по ред европски јуниорски џудо-куп „Скопје 2024“, кој се одржа во Скопје, и со тоа уште еднаш ги покажа своите одлични организациски способности кога станува збор за натпреварувања од највисок ранг. Во мошне силна конкуренција настапија натпреварувачи од 26 земји, од кои 163 во машка и 106 во женска конкуренција. Македонија беше предводена од селекторот Александар Фузевски, а освоениот бронзен медал на Борјана Поп Атанасова (категорија над 78 кг), на првиот натпреварувачки ден, беше само круна за успешната организација на настанот. По завршувањето на Европски јуниорски џудо-куп беше одржан и тридневниот џудо-камп во СЦ „Јане Сандански“, на кој учествува околу 80 џудисти од осум земји.
Признанието за успешно организираниот спортски настан, секако, не изостана и од високите претставници на Европската џудо-унија, предводени од потпретседателката на Европската џудо-федерација (ЕЏУ), Португалката Катарина Родригез, која потенцира дека е импресионирана од посветеноста и од професионалната работа на ЏФМ да го претстави овој спортски настан на толку високо ниво, преку интересот на медиумите и поддршката на локалните власти, додавајќи дека со нетрпение чека повторно следната година да биде дел од овој одличен организациски тим, но на Европското првенство за кадети, кое ќе се одржи во јуни, исто така во СЦ „Јане Сандански“, што е уште еден доказ за евидентниот подем на македонското џудо. Г.И.

Фото: „Нова Македонија“