ОДБОЈКА

Претходно македонскиот селектор предводеше седум клуба, а со четири од нив
оствари пласман на завршниот турнир во Купот на ЦЕВ

Селекторот на македонската машка одбојкарска репрезентација, Јошко Миленкоски, и следната сезона ќе биде тренер на ПАОК, откако тој продолжи со работа во грчкиот клуб, со кој го освои тамошниот Куп и играше во финалето на првенството, информира Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).

Претходно, Миленкоски предводеше седум клуба, а со четири од нив оствари пласман на завршниот турнир во Купот на Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ). Најтрофејниот македонски тренер беше селектор на репрезентацијата на Турција и ја предводеше до 11-то место на Европското првенство (ЕП) во 2017 година, па претстојниот континентален собир на кој коорганизатор е и Македонија, ќе биде негов втор настан од таков ранг.

Македонската репрезентација продолжи со подготовките за настапот во Европската златна лига, во која во првите три кола забележа две победи дома, на мечевите со Белгија и со Хрватска, а загуби од Украина на неутрален терен. В сабота црвено-жолтите ќе гостуваат во Белгија, потоа во Хрватска, а на 18 јуни е последниот меч од групата Б сезонава, во Скопје, со Украина, која моментно е прва на табелата со три победи. На фајналфорот ќе се пласираат победниците на трите групи и домаќинот, Хрватска. Во август и во септември Македонија е домаќин на групата Ц на ЕП 2023, во која ќе се сретне со Холандија, Полска, Данска, Чешка и со Црна Гора.

И одбојкарките се подготвуваат за преостанатите три средби, на гостински терен, во Сребрената европска лига, откако првите три на свој терен ги загубија. Првиот меч е в сабота со водечката Естонија, потоа следуваат средбите со Летонија и со Австрија. Г.И.