Поранешниот светски рекет број 1 помина повеќе од 20 часа на терените во претходните шест меча, забележа пет победи и секоја од нив со триумф во одлучувачкиот сет

ТЕНИС

За 35-годишник со метален колк, Енди Мареј помина доста време на теренот сезонава, поточно повеќе од 20 часа во претходните шест натпревари, пишува Асоцијацијата на тениски професионалци (АТП) на својата интернет-страница. Со оглед на неговата возраст и неодамнешните борби со повреди, може да се претпостави дека тие маратонски мечеви ќе ги фаворизираат неговите противници, но реалноста е спротивна, далеку од тоа дека првпат Британецот докажа дека конвенционалната мудрост е погрешна, пишува АТП. Мареј забележа пет победи годинава, секоја со триумф во одлучувачкиот сет.
– Претходните неколку години изгубив доста тесни мечеви и тоа е нешто за што зборував со мојот тим во минатата година. Мислам дека работата што ја имав во вонсезоната, на мојата игра, физички ми даде малку повеќе верба во тие моменти. Мислам дека кога сте во подобра форма, кога почнувате да се заморувате, тоа ви помага да донесувате подобри одлуки, да играте на поинаков начин, што не ви дава најдобри шанси за победа. Чувствувам дека физичкиот напредок помогна во тие моменти – рече Мареј неделава во Доха, каде што победи на три меча во по три сета за да се пласира во своето 102. полуфинале, пренесе АТП.
По два маратонски меча во пет сета на Австралија опен, Мареј ја продолжи својата серија долготрајни натпревари неделава во Доха. Неодамнешната победа на 35-годишниот играч во четвртокот беше со пресврт, 4-6, 6-1, 6-2, против Александре Милер во четврт-финалето, меч што траеше два часа и четири минути, како момент во споредба со другите неодамнешни подвизи на Мареј, пишува АТП.

Поранешниот светски рекет број 1 во понеделникот спаси три меч-поени и со пресврт победи со 4-6, 6-1, 7-6 против Лоренцо Сонего, за два и пол часа. Во средата тој беше на теренот повеќе од три часа на дуелот со Александер Зверев за победа со 7-6, 2-6, 7-5. Иако не мораше да спасува меч-точка во тој натпревар од второто коло, тој двапати беше на два поена од пораз, бидејќи сервираше за да остане во мечот при 4-5 во третиот сет.
– Очигледно дека би сакал да ги добивам мечевите побрзо – вели Мареј.
Но сѐ додека победува, нема да му пречи премногу. Без сомнение, Мареј ја зголемува самодовербата со неговата способност да дополни една исцрпувачка победа со друга, како што направи на Австралија опен во јануари. Зборот „епски“ можеби премногу слободно се користи за да опише многу тениски дуели, но двете победи на Мареј во Мелбурн го дефинираат терминот. На мечот со 13-от носител и полуфиналист на Австралија опен, Матео Беретини, во првото коло, Мареј ја забележа својата прва победа на гранслем-турнир над играч од врвните 20, по повеќе од пет години, со 6-3, 6-3, 4-6, 6-7, 7-6 за четири часа и 49 минути (спаси една меч-точка во петтиот сет). Тој повторно флертуваше со пет часа во второто коло, победи со пресврт против Танаси Кокинакис со 4-6, 6-7, 7-6, 6-3, 7-5, по четири часа и 45 минути. Во неговиот рекорден 11-ти триумф со пресврт по 0-2 во сетови, Мареј победи иако противникот имаше 102 т.н. винери, вклучувајќи и 37 аса. Мареј во Мелбурн во третото коло загуби од Роберто Баутиста Агут, но по уште три часа и 29 минути драма (со 6-1, 6-7, 6-3, 6-4).
Вчера Мареј играше со четвртфиналистот на Австралија опен, Јиржи Лехецка. Добрата вест за Британецот е дека најмногу има само уште шест сета за играње неделава, пишува АТП. Н.М.