Репрезентацијата е комплетна и застапена во сите категории. Како селектор на кадетите очекувам барем еден медал, вели селекторот Ристески
КАРАТЕ – ЕП ЗА КАДЕТИ И ЗА ЈУНИОРИ ВО ЛАРНАКА
Македонија на Европското првенство (ЕП) за кадети, јуниори и за постари јуниори (до 21 година) во борби и кати, во кипарскиот град Ларнака викендов, ќе ја презентираат вкупно 36 каратисти, во конкуренција на 1.136 каратисти/ки од 41 држава.
Селектор на кадетите е Дејан Ристески, на јуниорите Берат Јакупи, на постарите јуниори Мартин Несторовски, каташите кадети ќе ги предводи Неџби Дервиши, а постарите јуниори Александар Фери Исиќ.
– Репрезентацијата е комплетна, застапена во сите категории. Како селектор на кадетите очекувам барем еден медал, а најмногу од Андреј Стојчевски и од Филип Стојанов, кои во континуитет учествуваат на големи настани, како што беа Европското првенство во Прага и Светското првенство во Коња, одржани минатата година. Но се надевам дека некој и од помладите може пријатно да изненади – вели селекторот Ристески.
На претходното Европско првенство во Прага, во 2022 година, бронзен медал освои јуниорот Љупчо Михајлов (до 68 кг), а го предводеше селекторот Александар Кузмановски. Г.И.