Донковски (лево) во дуелот со Вилке

КУГЛАЊЕ – ПОЕДИНЕЧЕН СВЕТСКИ КУП

Донковски и Алексовска во сениорска и Младеновски и Вељаноска во јуниорска конкуренција ги загубија своите дуели на стартот
Македонските претставници, актуелните шампиони Младен Донковски, Стефанија Алексовска (сениори) и Александар Младеновски и Андреа Вељаноска (јуниори) се поразени на стартот на поединечниот Светски куп (СК) за сениори и за јуниори (до 23 години), кој се одржа во хрватскиот град Риека, со што ги завршија и своите настапи. Донковски загуби од искусниот и познат германски куглар Кристијан Вилке со 0,5-3,5 во поединечни сетови, односно 554-617 по бројот на соборени кегли, Алексовска од Унгарката Едит Сас со 0-4 (486-585), Младеновски од Словакот Симон Магала со 1-3 (542-570), а Вељаноска од Полјачката Јулија Сидло со 0-4 (482-550).
– Воопшто не сум задоволен од постигнатиот резултат, кој беше далеку под моите можности, иако играв со светски професионалец, кој настапува за познатиот германски клуб Рот Зербст, како и од ждрепката, во која немавме среќа сите четворица во оваа силна конкуренција. Импресионираноста од настапот, но и малку разнишаната самодоверба, си го сторија своето. Едноставно го плативме данокот на неискуството од вакви големи натпревари. Кугларницата беше полна со публика, добро подготвена, но, сепак, барем пред вчерашните финални борби, не видовме некои спектакуларни резултати на соборени кегли – ни изјави Донковски.
Бранко Манев во 2010 година стана јуниорски светски првак во Риека, а Тодор Манев во 1995 година вицепрвак во сениорска конкуренција. Г.И.