АТЛЕТИКА

Со претстојните трки на 29 октомври, Кичево ќе влезе во календарот на градови каде што се одржуваат улични атлетски трки. Предвидени се трки на пет и на 10 илјади метри, а пријавувањето е до 30 септември.
– Првпат во нашиот град, на 29 октомври ќе се одржат улични трки на пет и на 10 илјади метри. Почетокот на трките е закажан во девет часот, а ќе се одвиваат на повеќето главни сообраќајници во градот. Имаме информација дека интересот е голем и до крајот на септември ќе имаме целосен увид колкав број учесници ќе бидат дел од трките. Причина за одржување улични трки во Кичево е сѐ поголемиот интерес на младите и на повозрасните генерации, што секако придонесе и нашиот град да биде домаќин на вакви спортски манифестации – вели Никола Миланоски, еден од најактивните улични тркачи во Македонија, кој е дел од повеќето атлетски трки што се одржуваат кај нас, но има учествувано и на трки во странство.
До почетокот на овие трки целосно ќе бидат завршени подготовките и се очекува Кичево да го положи испитот како град домаќин на улични трки. Ова ќе биде и промоција на градот за дел од учениците што досега го немаат посетено овој град на источните падини на Бистра. З.А.