Фото: ЕПА

Со слетувањето на Индија на Месечината и другите неодамнешни обиди, постои ризик да се создадат поголеми количества вселенски отпад, предупредува Рејчел Дуроуз од „Вокс“

Се отвораат нови прашања во меѓународната трка за вселената

Неодамна, Индија стана четвртата земја што успешно испрати летало на Месечината, кога нејзината мисија „Чандрајан-3“ испорача два робота, ровер и сонда, во нејзиниот јужен поларен регион. Тоа е локација каде што ниту едно вселенско летало досега не слетало успешно поради површината на областа преполна со камења. Достигнувањето следуваше по несреќниот обид руската сонда „Луна-15“ да го постигне истиот подвиг, но претходно се урна на површината на Месечината.
Двете мисии се дел од новата трка за Месечината. Во изминатите неколку години, владини вселенски агенции, непрофитни организации и компании од Русија, Индија, Израел и од Јапонија имаа неуспешни мисии да испратат вселенски летала на јужниот дел на Месечината. Од нив, САД и Кина веќе планираат идни мисии. Овие земји и ентитети се заинтересирани за истражување на Месечината за научни, но и за потенцијално индустриски или комерцијални цели, бидејќи постојат ресурси на Месечината, кои би можеле да бидат корисни на Земјата или да обезбедат материјали за да го направат подалечното вселенско патување поизводливо во Сончевиот Систем.
Но новата вселенска трка може да резултира со неочекувани последици. Така, површината на Месечината може да почне да се преполнува со отпад. Остатоците од неуспешната мисија „Луна-25“ засекогаш ќе почиваат на површината без ветар на Месечината. Но тие не се единствените. Луѓето оставаат предмети на Месечината уште од 1969 година, кога советската сонда „Луна 2“ стана првиот вселенски објект направен од човек што дошол во контакт со Месечината и се урнал таму. Оттогаш, над 50 вселенски сонди паднаа на Месечината. Покрај десетиците сонди, вселенските мисии оставија зад себе две топчиња за голф, десетина чизми, пердув од маскотата на сокол на Американската академија на воздухопловните сили и друг вид отпад.
Севкупно, Месечината служи како депонија за отпаден материјал, а неколку десетици ракети, сателити и остатоци поврзани со мисиите орбитираат околу просторот помеѓу Земјата и Месечината. Дури и успешните мисии оставаат зад себе отпадоци, а на крајот, Месечината би можела да биде депонија за роботските истражувачи кога ќе престанат да функционираат. Со обновениот интерес за Месечината, веројатно е дека отпадот во овој простор во близината и на Месечината ќе продолжи да се акумулира, особено ако се има предвид дека нема значаен напор да се отстрани. Враќањето на таквите остатоци би значело испраќање на уште едно летало на Месечината, чин што чини десетици милиони долари, а исто така ризикува да создаде повеќе отпад.
Месечината беше недопрена временска капсула. Нејзината површина помогна во добивањето одговори на многу прашања за Сончевиот Систем. Таа „чиста“ површина би можела неповратно да се промени. Сега се поставуваат прашањата: дали со текот на времето, површината на Месечината ќе прерасне во отпад од неуспешни мисии, скршени роботи и остатоци и дали орбитата околу неа ќе биде преполна со остатоци, што ќе го направи ноќното небо помалку забележливо со голо око и за телескопите на астрономите.

Зошто сè повеќе држави инвестираат во мисии до Месечината?

Областа во орбитата на Земјата, вклучувајќи ја и површината на Месечината е потенцијална ризница на научни откритија, смета Ума Бригман, шефица на Институтот за вселенска безбедност при Воздухопловната корпорација, непрофитна корпорација што советува вселенски мисии. Површината на Месечината нуди пристап до ресурси како вода, хелиум-3 и ретки руди, според неа. На пример, хелиум-3 може да се користи во реакторите за нуклеарна фузија. Но, најзначајно, јужниот пол на Месечината содржи вода, во форма на мраз. Претходната индиска мисија процени дека на Месечината се наоѓаат над половина милиони килограми воден мраз. Истражувачите првпат го открија и потврдија присуството на овој мраз во 2008 и во 2009 година, а оттогаш земјите се обидуваат, но не успеваат да добијат пристап до јужниот поларен регион. Индиската мисија „Чандрајан-3“ беше првата што го стори тоа успешно.
Целиот овој мраз може да го промени човечкото истражување на вселената. Тој, заедно со другите ресурси, може да се трансформира во воздух за дишење, вода за пиење, па дури и гориво. Ископувањето на овие ресурси ги отвора вратите за изградба на лунарна станица или полнење гориво за подолги патувања подлабоко во нашиот Сончев Систем. Исто така, овој мраз би можел да им помогне на истражувачите да дознаат за почетоците на Сончевиот Систем и за потеклото и на Месечината и на Земјата. Со набљудување на кратерите и идентификување на соединенијата пронајдени на Месечината, луѓето би можеле да дознаат повеќе за космичката историја на светот.

Што оставаат луѓето зад себе?

Во 2022 година, остатоци од вселенски отпад ненамерно ја погодија Месечината за првпат, кога генератор од кинеското вселенско летало „Чанг 5-Т1“ (кое беше лансирано во мисија на Месечината и се врати на Земјата во 2014 година) удри во небесното тело. Неколку години претходно, на Месечината се урна израелско вселенско летало, кое би било првото приватно летало што слетало таму. Иако ниту еден од овие судири не резултирале со непосредна штета, тие предизвикуваат загриженост за човечкото мешање на Месечината. Ј.С. Џонсон-Шварц, професорка по филозофија на Државниот универзитет во Вичита, вели дека површинскиот отпад, покрај другите видови нарушувања на вселенската средина што произлегуваат од човечките активности, во некои случаи може да ја загрозат способноста научно да се проучуваат тие средини.
Но не е само површината на Месечината во прашање. Исто така, постои ризик од акумулирање на ѓубре во орбитата околу неа. Другите остатоци во орбитата, без разлика дали се околу Земјата или Месечината, го зголемуваат ризикот од судири во вселената, што пак може да произведе повеќе отпад што ќе доведе до дополнителни судири, според Џонсон-Шварц. Научниците ја нарекуваат оваа акумулација на остатоци „Кеслеров синдром“ и може да го отежне патувањето до Месечината. Отпадоците во овој простор можат да траат стотици или илјадници години. Во моментов, нема многу ѓубре што орбитира околу самата Месечина, но тоа би можело брзо и драстично да се промени.

Дали треба да се чисти вселенскиот отпад?

Ниту една земја не ја поседува Месечината, па дури и дел од неа. Всушност, тоа не ни можно. Во 1967 година, Обединетите нации го формираа Договорот за вселената со кој ѝ се забранува на секоја држава да бара суверенитет на Месечината и другите небесни тела. Иако ова ја заштитува Месечината да не биде потврдена од еден ентитет, тоа исто така значи дека не постои ниту едно тело одговорно да ја одржува недопрена. Сепак, напорите за одржување на Месечината да стане глобална одговорност се во тек со децении. Првиот принцип од договорот, дека „надворешната вселена, вклучувајќи ги и Месечината и другите небесни тела, ќе бидат слободни за истражување и употреба од страна на сите држави“, значи дека вселената мора да биде доволно чиста за континуирано истражување, но тоа не е експлицитно наведено дека значи чистење по себе.
Одржувањето на Месечината, заедничка основа за целото човештво, се чини критично за да се одржи недопрена. Ако една земја навистина се обиде да бара дел од Месечината и затоа ја промени нејзината површина непоправливо и без надзор, таа ги отвора вратите за другите да го сторат истото тоа, создавајќи битка за лунарната сопственост. Вистината е дека нема толку многу површина за полагање права. Површината на Месечината е помала од континентот Азија, а уште помал дел од тоа е доволно рамен за да слета. Затоа се потребни глобален пристап, добри политики и соработка, како и глобални договори за одржување на животната средина на Месечината.