Фото: „Виз ер Скопски маратон“

Во конкуренција на 13.400 натпреварувачи од 55 земји во сите категории, што е најмногу досега, третото место кај мажите му припадна на Дарио Ивановски, а кај жените втора низ целта помина Адријана Поп Арсова

АТЛЕТИКА

Кениецот Килари Чемвоно е победник на годинашниот јубилеен 20. Скопски маратон, кој се одржа вчера, со учество на рекордни 13.400 натпреварувачи од 55 земји од светот. Патеката од 42 километри и 195 метри, тој ја истрча за 2:13,28 часа. Втор низ целта мина неговиот сонародник, Даниел Кипротич (2:13,52), а третото место му припадна на најдобриот македонски маратонец Дарио Ивановски (2:16,26).
– Задоволен сум од истрчаната маратонска трка во Скопје. Очекував да победам и со тоа да ја потврдам својата доминација – изјави Чемвоно, кој е деветти кениски победник на Скопскиот маратон досега.
И најдобриот македонски маратонец беше задоволен со постигнатиот пласман и од тоа како ја истрча маратонската трка.
– Дарио не е Дарио ако не трча во својот град. По Олимписките игри закрепнував од добиената повреда во Париз. Таму истрчав два часа и 28 минути, а тука два часа и 16 минути иако по Олимписките игри направив пауза од две недели. На Олимписките игри не го дадов максимумот, но на следните ќе ме гледате рамо до рамо со најдобрите. Градот Скопје и Македонија имаат олимпиец и вреди да го видат – изјави Ивановски, кој победи на Скопскиот маратон во 2021 година.
Во женска конкуренција триумфира Кенијката Ирина Џеруто (2:37,52 часа), која беше 11-та во вкупниот поредок, а вкупно 10-та Кенијка што триумфирала на овој маратон. Втора беше македонската атлетичарка Адријана Поп Арсова (2:39,38), а третопласирана е Вилијат Џелагат од Кенија (2:44,16).
– Временските услови, публиката и организацијата за време на трката беа извонредни, иако се соочував со грчеви и други тешкотии на патеката. Сепак, среќна сум од она што го покажав за време на трката, а задоволна сум и од резултатот, иако можеше и подобро – рече Поп Арсова, која победи на маратонската трка во Скопје во 2021 година.
И во двете конкуренции не беше надминат рекордот на Скопскиот маратон, кој во машка конкуренција е во сопственост на Кипротич Кируи (2:12,36 часа), поставен во 2016 година, а во женска на Еунике Мучири (2:33,37), во 2019 година, и двајцата од Кенија.
На полумаратонска трка од 21,1 км предничеа натпреварувачите од Турција. Победи Хусеин Џан (1:05,54 час), втор беше Мурат Емектар (1:06,40), а трет Абдурахман Гедиклиоглу (1:05,54). Најдобар македонски натпреварувач на полумаратонската трка беше Иван Пешовски, на шестата позиција.
– Задоволен сум од својот настап на маратонот. Им благодарам на сите што ме поддржуваа. Организацијата беше перфектна – изјави победникот Џан.
Во женска конкуренција, на полумаратонската трка најбрза беше Милица Мирчева од Бугарија, втора Греша Бакрачи од Албанија, а трета Јулие Ларсен од Норвешка.
– Задоволна сум од истрчаната трка. Очекував да победам. Благодарност до перфектната организација на трката, а јас и во иднина ќе настапувам на овој маратон – изјави Мирчева.
Министерот за спорт Борко Ристовски им ги врачи медалите на најуспешните на денешното јубилејно 20. издание на Скопскиот маратон, упатувајќи честитки за сите учесници за нивната издржливост и посветеност. Министерството за спорт е главен покровител на оваа најголема атлетска манифестација во Македонија.
– Скопскиот маратон и годинава покажа дека Македонија е подготвена да организира спортски настани од светски размери. Горд сум што Министерството за спорт е главен покровител на оваа атлетска манифестација, која ги става Скопје и Македонија на светската маратонска мапа. Како Министерство за спорт секогаш ќе бидеме поддршка за ваквите настани, кои негуваат вистински спортски вредности, градат традиција и носат промоција на нашата Македонија во светот – рече, меѓу другото, министерот Ристовски. Г.И.


„НОВА МАКЕДОНИЈА“ РЕДОВЕН УЧЕСНИК НА СКОПСКИОТ МАРАТОН
Цветаноски: Една од најлесно истрчаните трки досега

По традиција, редакцијата на дневниот весник „Нова Македонија“ и годинава беше дел од Скопскиот маратон, најмасовната спортска манифестација во Македонија и една од најдобрите.
– Ова ми беше една од најлесно истрчаните трки на Скопскиот маратон. Уживање беше да се трча, а и времето беше убаво. Задоволен сум и од резултатот, еден час и 38 минути. Со оглед на подготовките и не очекував подобро време. Ова беше доволно за петтото место во мојата возрасна категорија (50-54 години) или вкупно 155-то место од околу 1.500 учесници во полумаратонската трка – изјави Гоце Цветаноски, ликовно-графички уредник во „Нова Македонија“.