Фото: Емил Јовановиќ

Тој триумфира на целата годинашна серија, а до посакувана цел стигна по шестото коло, односно едно коло пред крајот на последниот од интернет-турнирите годинава од серијата „Мелвотер“, во Сан Франциско (темпо на игра од 15 минути по играч)

ШАХ

Актуелниот светски првак во класичен шах, Норвежанецот Магнус Карлсен (2.848 рејтинг-поени), со победа го круниса последниот од интернет-турнирите годинава од серијата „Мелвотер“, кој се играше во Сан Франциско (САД), а со тоа и триумфира на целата годинашна серија.
Тој до посакувана цел стигна по шестото коло, односно едно коло пред крајот на тој турнир. Во шестото коло тој го победи индиското шаховско чудо, 17-годишниот Рамешбабу Прагнананда (2.750), со 2,5-0,5 поени, во партиите со темпо на игра од 15 минути по играч, па четвртата партија не беше потребно да се игра.
Само Полјакот Јан-Кшиштоф Дуда (2.798) имаше реални шанси да го престигне Карлсен на турнирот, но откако загуби од американската ѕвезда Весли Со (2.774), таа можност пропадна. Но сега останува отворена трката за второто место.
– Сега ми е полесно. Тоа беше тежок меч со Прагананда. Резултатот воопшто не зборува за целата приказна – рече Карлсен.
Карлсен со овој триумф освои 42.500 долари, кои ги придодаде на 200.000 долари што ги собра во текот на 11-месечната турнеја. Тој победи на пет од деветте вакви турнири. На овој турнир досега Карлсен забележа 14 победи од 16-те партии во шест одиграни кола.
Табела по шестото коло: Магнус Карлсен 17 бода, Весли Со 12, Јан-Кшиштоф Дуда 10, Ајрун Еригаиси 9, Гуанг Лием Ле 8, Рамешбабу Прагнананда 6, Шахријар Мамеѓаров 6 и Аниш Гири 4. Г.И.