Најдобриот македонски каратист и репрезентативец Емил Павлов, утре напладне ќе настапи на престижната Премиер-лига во карате, која ќе се одржи во египетскиот град Каиро. Во Премиер-лигата настапуваат најдобрите каратисти од целиот свет, а викендов на татамите ќе се борат 425 натпреварувачи од 61 држава во дициплините борби и кати. Павлов е единствениот македонски претставник на овој турнир и ќе настапи во категоријата до 67 кг, која брои вкупно 31 каратист. Борбите за медали се закажани за в недела.
– Ова ми е прв турнир по Светските игри во јули минатата година и очекувам најпрво да покажам добра форма и да соберам што е можно повеќе бодови потребни за Европските игри. Турнирот е почеток на нова натпреварувачка сезона и се надевам дека ќе стартувам добро, но ќе ми биде и подготовка за тоа што ме очекува понатаму, а тоа се Првенството на Македонија, потоа Европското првенство и Европски игри, доколку обезбедам пласман. Овој и турнирот од Серија А, се мошне значајни, оти на нив се собираат поени за годинашниве Европски игри, кои ќе се одржат во полскиот град Краков (21 јуни-2 јули). Моментно сум на петтата позиција на ранг-листата за пласман на Европските игри, а таму првите тројца одат директно според бројот на собраните поени, другите тројца се според пласманот од ЕП, еден добива вајлд-карта, а еден е претставник од земјата-домаќин, односно ќе има најмногу по осум претставници во секоја тежинска категорија. До ЕП во март ќе се знае конечната листа на учесници на Европските игри. Како што е познато, јас сменив категорија и сега настапувам во една тежинска категорија поголема, но сум оптимист како за настапот во Каиро, така и за учеството на Европските игри – ни изјави штипјанецот Павлов, кој е двократен европски првак (2014 и 2018) и двапати трет (2016 и 2019), носител на сребро од Светското првенство (2021) и бронза од Европски игри (2015), а лани настапи и на Светските игри во САД.
На првото место за настап на Европските игри, моментно е Французинот Стивен Да Коста (4.365 бода), втор е Гркот Дионисиос Хенос (3.465), трет Турчинот Бурак Ујгур (1.755), колку што има и Унгарецот Ивес Мартијал, петти е Емил Павлов (1.627), а зад него е Азербејџанецот Турал Агаларзаде (1.365). Г.И.