Италија е актуелен европски (од 2021 година) и светски првак (од 2022 г.), а Полска е победник на годинашната Лига на нациите. Двете селекции лани се сретнаа и во финалето на СП. За бронзата ќе играат актуелниот двоен европски вицешампион Словенија и олимпискиот првак Франција
ОДБОЈКА
Италија и Полска (21 ч.) за златниот, а Франција и Словенија (18 ч.) за бронзениот медал ќе играат денеска на Европското првенство (ЕП), чија завршница се игра во Рим (Италија). Италија и Полска се сретнаа во финале и лани, на Светското првенство (СП), кога Италија победи со 3-1 во Катовице (Полска). Франција и Словенија играа меѓу себе во финалето на ЕП 2015.
Во полуфиналните средби на ЕП 2023, Полска славеше над Словенија со 3-1 (23-25, 25-21, 25-20, 25-21), а Италија го совлада олимпискиот шампион Франција со 3-0 (25-21, 25-19, 25-23). Италија е актуелен европски (од 2021 година) и светски првак (од 2022 г.), а Полска е победник на годинашната Лига на нациите.
Италија зад себе има 11 финални натпревари, на кои златото го освоила седум пати (против Шведска во 1989 година, Холандија во 1993 и во 1995, Русија во 1999 и 2005, Франција во 2003 и Словенија во 2021), а загубила четири пати (од СССР во 1991, СР Југославија во 2001, Србија 2011 и Русија 2013). Италија трипати била трета на ЕП. Полска, пак, има едно злато (во 2009 година во Турција, кога ја победи Франција), пет сребра (1975, 1977, 1977, 1981 и 1983, и тоа сите во финалиња со тогашниот СССР) и шест бронзи. На претходните две ЕП (во 2019 и 2021 година) Полска беше трета, загубувајќи од Франција и од Србија со по 0-3. Франција од ЕП има едно злато (2015 година), четири сребра и две бронзи, а Словенија три сребра (во 2015, 2019 и 2021 г.).
Македонија на ЕП 2023 го освои 16-то место, што е најголем успех досега. Во 2019 црвено-жолтите беа 17-ти, а во 2021 година 23-ти. На ова ЕП Македонија играше против сегашните финалисти и загуби со 0-3, од Полска во групната фаза во Скопје, а од Италија во осминафиналето во Бари Г.И.