Во февруари ФИА почна со аплицирање нови тимови што ќе бараат да ѝ се приклучат на Ф1 во 2025, 2026 или 2027 година. Формула 1 немала 12 екипи од 2012 година. Претседателот на Ф1, Доменикали, вели дека потенцијалните нови тимови мора да му донесат вредност на шампионатот на среден и на долг рок
Претседателот на Формула 1 (Ф1), Стефано Доменикали, вели дека потенцијалните нови Ф1-тимови мора да му донесат вредност на шампионатот на среден и на долг рок, откако се наближува рокот за формални апликации за приклучување на шампионатот од 2025 година, пишува „Скај спорт“.
Во февруари Светската автомобилска федерација (ФИА), управното тело на овој спорт, почна со аплицирање нови тимови што ќе бараат да ѝ се приклучат на Формула 1 во 2025 година, во 2026 година, кога ќе стапат во сила новите регулативи за моторот, или во 2027 година.
Формула 1 моментно има 10 тима и е ограничена на максимум 12 до и вклучувајќи ја сезоната 2025 според актуелниот договор. Крајниот рок за поднесување на формалните апликации е утре, а ФИА има цел да донесе одлука за сите апликанти до 30 јуни.
– Фактот што Ф1 привлекува нови потенцијални тимови и инвеститори го покажува статусот на Ф1 денес. Секој може да се пријави, првиот чекор е дека ФИА ќе направи анализа, а вториот ќе биде направен од комерцијалните носители на правата, ќе има заедничка дискусија, ќе видиме каков ќе биде исходот од тоа. Tоа е одлична работа ако му носи вредност на првенството на среден и на долг рок. Тоа е поентата што секогаш се отвора кога зборуваме на оваа тема – рече Доменикали за „Скај спорт“, разговарајќи за потенцијалните нови тимови пред трката во Австралија.
Членовите на 10-те сегашни тима на Ф1 сугерираа дека таксата од 200 милиони долари што новиот учесник би требало да ја плати според сегашните регулативи не го препознава огромниот неодамнешен раст на спортот и ќе им биде полошо, пишува „Скај спорт“. Надоместокот од 200 милиони долари ќе овозможи секој од сегашните тимови да добие еднократна исплата од 20 милиони долари.
Формула 1 немала 12 екипи од првенството во 2012 година, а сегашните 10 тима го сочинуваат шампионатот од 2017 година, пишува „Скај спорт“.
По три трки сезонава, води Макс Ферстапен со 69 бода, пред Серхио Перез со 54, Фернандо Алонсо со 45, Луис Хамилтон со 38… Сезоната во Формула 1 продолжува утре, со трката во Баку (Азербејџан). Н.М.