Фото: ЕПА

Фернандо е еден од најдобрите возачи што ги имавме во спортот, а тоа што тој продолжува да се трка и продолжува да има резултат, покажува што е можно и ја покажува новата ера на спортистите, за тоа што може човечкото тело да направи и да продолжи да прави ако го негувате, рече седумкратниот светски шампион Хамилтон

ФОРМУЛА 1

Луис Хамилтон вели дека ќе му се придружи на својот стар ривал Фернандо Алонсо во трките во Формула 1 „во 40-тите години“, откако новиот договор на Алонсо со Астон Мартин ќе го задржи во Формула 1 најмалку до 2026 година, по неговиот 45-ти роденден, а Хамилтон ќе наполни 40 години во следната година кога ќе ја почне кариерата во Ферари, со најмалку двегодишна обврска, пишува „Би-би-си“.
– Јас не сум најстариот возач тука. Ќе се тркам уште некое време, така што е добро што Алонсо уште е тука. Фернандо е еден од најдобрите возачи што ги имавме во спортот, а тоа што тој продолжува да се трка и продолжува да има резултат покажува што е можно. И ја покажува новата ера на спортистите, за тоа што може човечкото тело да направи и да продолжи да прави ако го негувате. Никогаш не мислев дека ќе се тркам до 40-тите. Мошне сум сигурен дека реков дека нема. Но животот е толку лудо патување. Не се чувствувам како 40-годишник. Генерално се чувствувам одлично – рече седумкратниот шампион во Формула 1, Хамилтон, пред трката за големата награда на Кина викендов, пренесе „Би-би-си“.
Возачот на Мекларен, Ландо Норис, вели дека достигнувањата на Алонсо со толку долго натпреварување на највисоко ниво во Формула 1 можеби никогаш повеќе нема да се видат.

– Тој е еден од највозрасните момци што се натпреваруваат на врвот во кој било спорт. Потенцијално никогаш повеќе нема да го видите во Формула 1 тоа што го направи тој на ова ниво и продолжува да го прави. И ако го видите, тоа ќе биде исклучително ретко – вели Норис.
Тој рече дека има „голема почит“ за способноста на Алонсо да продолжи да настапува на највисоко ниво толку долго.
– Потребна е голема посветеност. Мислам дека никој не мисли дека на Фернандо му недостига тоа на кој било начин. Тој го покажува тоа во секој дел од својот живот – изјави Норис.
Французинот Естебан Окон, кој му беше тимски колега на Алонсо во Алпине во 2021 и во 2022 година, рече дека „неговата посветеност е пример за сите нас“. Посветеноста и долговечноста на Алонсо во Формула 1 поставуваат нов стандард, тој ќе биде првиот возач што ќе се трка на врвно ниво до средината на 40-тите години, по трикратниот светски шампион Џек Брабам, кој ја оствари својата последна победа на 44-годишна возраст, во 1970 година. Двократниот шампион Греам Хил, пак, настапуваше во Формула 1 до својата 46-та година, во 1975 година, пишува „Би-би-си“. Н.М.