Борбата за медалот беше посебна. Добрата анализа и подготовка пред борбата, смиреноста и концентрацијата, за да не отстапам од зацртаната тактика, се покажаа како клучни во триумфот и освојувањето на бронзата, вели Спасеновски. Тоа беше вкупно 16-ти медал за македонското карате на европските првенства (досега се освоени три златни, четири сребрени и девет бронзени медали)
КАРАТИСТОТ ПЕТАР СПАСЕНОВСКИ ЈА ПРОДОЛЖИ ТРАДИЦИЈАТА НА ОСВОЈУВАЊЕ МЕДАЛИ ОД ЕП ЗА СЕНИОРИ
Македонија ја продолжи успешната традиција на освојување медали од европските првенства (ЕП) во карате. За тоа се погрижи Петар Спасеновски (категорија до 84 кг), кој во дисциплината борби се закити со бронза. Тоа беше вкупно 16-ти медал за македонското карате на европските првенства (досега се освоени три златни, четири сребрени и девет бронзени медали), од кои еден е во кати екипно, жени.
Од Европското првенство во 2005 година во Тенерифе, каде што каташките Тамара Рибарска, Симона Трајкоска и Ивана Димитрова освоија бронза, и првите два медала во борби во Братислава во 2007 година, каде што Иво Цветковски освои сребро, а Сашко Арсовски бронза, па до медалот во Газиентеп (Турција) годинава, Македонија не освоила медал само во 2006, 2012 и во 2021 година. Во 2020 година, поради пандемијата на ковид-19, ЕП не се одржа.
Поединечно 10 натпреварувачи во борби се носители на медали од европските првенства во карате, најмногу Емил Павлов (по две злата и бронзи, а злато има и Наташа Илиевска) и три се во кати (екипно, една бронза). Од светските првенства (СП), пак, Македонија има два медала, и тоа, Павлов освои сребро во Дубаи (во 2021 година), а Жарко Арсовски бронза во Белград (во 2010 година).
– Големи беа жртвувањата за да се стигне до овој медал. Забележав четири победи и еден пораз со квалитетни каратисти. Борбата за медалот беше посебна, оти Оз Мурат беше на домашен терен, публиката беше на негова страна. Но добрата анализа и подготовка пред борбата, смиреноста и концентрацијата, за да не отстапам од зацртаната тактика, се покажаа како клучни во триумфот и освојувањето на бронзата. Медалот е на сите што ме поддржуваа во изминатиот период, КФМ, клубот Макпетрол и тренерот Бошко Заборски – вели Петар Спасеновски, кој зад себе има злато од ЕП за јуниори (до 21 година) во Данска во 2019 година и бронза од ЕП за јуниори во Кипар (во 2016-та).
Задоволството не го криеше ни селекторот во борби, Александар Кузмановски, особено што продолжи традицијата на освоени медали од европските првенства.
– Задоволен сум од постигнатиот резултат, по еден бронзен медал, петто, седмо и деветто место. Спортски е да се биде оптимист пред настап за постигнување високи резултати, а по ЕП заедно резониравме дека секогаш може и подобро. Но не застануваме тука, продолжуваме со исто темпо. Репрезентацијата беше мотивирана на највисоко ниво, владееше колективен дух, позитивна енергија, сите бевме како еден. Ми беше чест и привилегија да бидам на тренерското место и да ги водам овие каратисти, кои го дадоа максимумот. Во отсуство на индивидуален настап на нашиот најдобар каратист на сите времиња Емил Павлов, традицијата на освојување медали од ЕП ја продолжи Петар Спасеновски, кој во репасажот ја искористи шансата да го победи турскиот претставник со 2-0. За Вероника Костовска можам само да жалам за изгубениот бронзен медал оти водеше со 2-0, а загуби со 3-6 од Французинката Лаура Сиверт. Таа го освои петтото место, што е одличен пласман во ваква силна конкуренција. Петар и Вероника ветуваат многу и од нив и во иднина очекувам најмногу. Националниот тим беше составен од млади и од искусни каратисти, а би ги издвоил младите Григор Хаџикимов, кој имаше одличен настап со три победи, а го совлада и бронзениот од Летните олимписки игри во Токио, Унгарецот Габор Хаспартаки, потоа Марија Милева, која ја победи Турчинката Туба Јакан, освојувачка на европски и светски медали, Ангела Мојсовска, која во репасажот заврши на седмото место, Фахик Весели, кој по репасажот беше деветти – изјави селекторот во борби Кузмановски. Тој се осврна и на настапите во екипниот дел.
– Екипно бевме во тешка група заедно со Хрватска, Азербејџан и со Шпанија. По поразот од Шпанија со 1-3 (победи само Емил Павлов) не добивме шанса за репасаж. Кај жените, по поразот од Словачка со 1-2 (која влезе во финалето) во репасажот загубивме и од БиХ (1-2), а двете наши победи ги постигна Костовска. Уште еднаш докажавме дека каратето е најтрофејниот спорт во Македонија и затоа мора да се има респект кон остварените резултати изминативе години, оти тешко се постигнуваат од мала земја. Статистички, рангирани сме на 15-та позиција од вкупно 45 земји на ова ЕП со 505 учесници. Апелирам каратето да го добие местото што го заслужува со уште поголема поддршка од релевантните спортски институции во Македонија ако сакаме уште повисоки резултати. Имаме подмладена селекција во борби, која многу ветува – потенцира Кузмановски.
Каташите, за разлика од натпреварувачите во борби, не освоија медал.
– Во делот на кати настапивме со пет натпреварувачи, двајца поединечно, Пулексенија Јованоска и Кристијан Бајовски, и машкиот ката-тим во состав Александар Спасовски, Давид Спасoвски и Христијан Андриќ. Од резултатот не сум задоволен оти не изработивме на ниво потребно за вакво натпреварување. Освоеното седмо место, иако е досега најдобар пласман на едно сениорско ЕП кај мажите, сепак, според квалитетот мораше да влеземе во борба за медал. Оправдување може да најдам, тимот е многу млад, еден е роден во 2002 и двајца во 2004 година. Очекувам подобри резултати за четири-пет години – вели селекторот Андриевски.
Следното ЕП е во 2023 година во Гвадалахара (Шпанија), град што и во 2019 година беше домаќин на ЕП.
ОСВОЈУВАЧИ НА МЕДАЛИ НА ЕП ПРВЕНСТВО МЕДАЛИСТ ТРОФЕЈ
ЕП 2005 ката-тим бронза
ЕП 2007 Иво Цветковски сребро
ЕП 2007 Сaшко Арсовски бронза
ЕП 2008 Ардита Исени бронза
ЕП 2009 Наташа Илиевска сребро
ЕП 2010 Огнен Груевски бронза
ЕП 2011 Наташа Илиевска злато
ЕП 2013 Берат Јакупи бронза
ЕП 2014 Емил Павлов злато
ЕП 2015 Мартин Несторовски бронза
ЕП 2016 Емил Павлов бронза
ЕП 2017 Берат Јакупи сребро
ЕП 2017 Јована Георгиева бронза
ЕП 2018 Емил Павлов злато
ЕП 2019 Емил Павлов бронза
ЕП 2022 Петар Спасеновски бронза