Тој оствари победа во трката што ја почна од првото место, водеше од почетокот до крајот и го имаше и најбрзиот круг
ФОРМУЛА 1 – ГН НА БАХРЕИН
На трката за големата награда на Бахреин, со која почна 75-та сезона во Формула 1, Холанѓанецот Макс Ферстапен, трикратен шампион во низа, победи и посочи дека ќе настојува да доминира и во новата сезона.
Тој не само што победи на последните седум трки од минатата сезона туку годинава направи мал подвиг во Бахреин, бидејќи трката ја почна од првото место, водеше од почетокот до крајот, а патем го имаше и најбрзиот круг, за што освои и дополнителен бод, забележувајќи ја вкупно 55-та победа во кариерата.
Ова е петти ваков подвиг на Холанѓанецот во неговата кариера (претходно во Австралија во 2021 година, во Италија во 2022-та и во Шпанија и во Катар во 2023 година), што го стави рамо до рамо со Италијанецот Алберто Аскари и со Германецот Михаел Шумахер на делба на третото место во оваа категорија, наречена и гранслем, во која прв е Џим Кларк со осум, а втор е Луис Хамилтон со шест.
Втор низ целта во Бахреин помина тимскиот колега на Ферстапен, Мексиканецот Серхио Перез, со 22,457 секунди заостанување, а трет беше Карлос Саинц Јуниор од Ферари со 25,110 секунди.
Следната трка од вкупно рекордните 24 ќе се вози во Саудиска Арабија, в сабота. Г.И.