ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ВУЕЛТА

Белгиецот Ремко Евенепул води во генералниот пласман по првите девет, од вкупно 21 етапа, на годинашното, 77. издание на шпанска Вуелта, една од трите најголеми светски велосипедски грантур-трки, покрај Џиро д’Италија и Тур де Франс. Зад Евенепул (22), возачот на Квик-степ Алфа винил тимот, кој ја облече лидерската „црвена“ маичка, се Шпанецот Ерик Мас и победникот на последните три изданија на Вуелта, Словенецот Примож Роглич, со заостанување од 1,12, односно 1,53 минута.
На Евенепул, кој настапува на втората грантур-трка во кариерата (лани на Џиро, но не го заврши), му се даваат реални шанси за триумф на Вуелта, со оглед на тоа како вози, но и според формата што ја покажа сезонава, во која победи на 11 трки, меѓу кои и на една од најтешките Лиеж – Бастоњ – Лиеж. Како минус се смета неговото неискуство на вакви трки, како и не баш квалитетната поддршка од тимот.
– Годинава Евенепул е рамо до рамо со Јонас Вингегард и со Тадеј Погачар. Буквално мислам дека е губење време да се обидувате да го стигнете. Како што вози во моментов, тешко дека некој ќе го стигне до крајот на трката во Мадрид – изјави Австралиецот Бен О’Конор, кој е специјалист за ридско-планинските етапи. Л.Д.