Фото: ШК Алкалоид

Машката и женската екипа на шаховскиот клуб Алкалоид со максимален ефект седум победи од исто толку кола, стигнаа до шампионските титули во својата конкуренција. За машката екипа на Алкалоид ова е 11-та титула во низа или вкупно 25-та од 31 одржан екипен шампионат на Македонија во сениорска конкуренција. За потсетување, членовите на ШК Алкалоид претходно ги понесоа и индивидуалните титули за 2023 година, ЖФМ Моника Стојковска во женска и ВМ Звонко Станојоски во машка конкуренција.

Алкалоид на крајот имаше 14 меч-бода и вкупно 34 поени по табли, при што шахистите покажаа мотивација до самиот крај. Се играше на шест табли, а во последното 7. коло против Пелагон од Прилеп, Алкалоид славеше со 4-2. Странските шахисти го оправдаа реномето, најдобра игра прикажа ВМ од Србија Александар Инѓиќ, а играа уште Узбекистанецот Нодирбек Јакубоев и Србинот Велимир Ивиќ. Во победничкиот состав на Алкалоид настапија уште: ВМ Трајко Недев, ВМ Звонко Станојоски, ИМ Филип Панчевски, ИМ Тони Лазов, ВМ Роландо Кутиров, ВМ Драгољуб Јаќимовиќ, Филип Михов и Михаил Јорданов.

– Моја желба беше да имаме ждрепка преку која ќе се сретнеме со конкурентите за првото место порано на турнирот и тоа се оствари. Го победивме Гамбит Асеко СЕЕ во првото коло, а потоа и Прилеп во третото, по што имавме многу поопуштена атмосфера и мислам дека добрите игри на некои поединци се должат токму на таквата психолошка растовареност. Сите членови на екипата покажаа сигурна игра и добра форма. Алкалоид од година в година го подмладува својот играчки ростер и искрено се надевам дека и младите со гордост ќе ги бранат боите на клубот во годините што доаѓаат – вели капитенот на екипата, ВМ Драгољуб Јаќимовиќ.

Второто место му припадна на Гамбит Асеко СЕЕ со 12 бода, третото на Прилеп, кој имаше ист број поени (7) како и Куманово 1, но со повеќе поединечни победи. Петти е Гостивар (6), шести Шкупи (5), седми Пелагон (3), а последен е Анпасан (2).

На женскиот турнир (се играше на четири табли), резултатската неизвесност траеше до самиот крај. Дерби-мечот се одигра во последното коло против МШК Центар. Дуелот започна со поен за противникот, при што во цврста позиција ЖФМ Софија Погорелски направи неочекуван пробив и дојде до пресврт, по што ИМ Лела Јавакишвили се предаде. На првата табла ВМ Бела Котенашвили долго се обидуваше да го скрши отпорот на ЖВМ Викторија Радева, но, сепак, партијата заврши реми. Во таква ситуација мечот беше решен на третата и на четвртата табла, при што најпрво ЖИМ Габриела Коскоска ја надигра Ивана Манова, а потоа и ЖФМ Моника Стојковска, со одлична концентрација во финишот и по речиси пет часа игра, ја победи Моника Жежовска за конечни 2,5-1,5.

За победничката екипа, во претходните кола настапија уште ЖФМ Весна Секуловска и Леа Ефтовска. Капитен и тренер на екипата беше ВМ Влатко Богдановски. Шахистките на Алкалоид освоија 14 поени, МШК Центар, не ја одбрани ланската титула и заврши втор со 12, додека пак, најпријатно изненадување е ГШК Неготино, кој го освои третото место со девет бода. Четврти е Куманово 1 (7), петти Гамбит Асеко СЕЕ (6), шести Фишер (5), седми Гостивар (3), а последен Стево Патако, без освоен бод.