Радоста кај секој поединец што беше дел од овој успех беше голема, а нормално нашите одбојкарки уживаа прославувајќи го на последниот одигран натпревар во Втората лига. Со голема возбуда и подготвени ќе ги дочекаме предизвиците што ни следуваат како клуб, вели Пејовска
АНА ПЕЈОВСКА, ТРЕНЕРКА НА МЛАДИ КАТЕГОРИИ И АДМИНИСТРАТОРКА НА НОВИОТ ЖЕНСКИ ОДБОЈКАРСКИ ПРВОЛИГАШ ГАЗЕЛИ ВОЛЕЈ
Женската одбојкарска екипа на Газели Волеј од Скопје од следната сезона ќе се натпреварува во Првата женска лига, откако забележа 20 победи до посакуваната цел во исто толку одиграни натпревари сезонава и само три загубени сета, што доволно говори за нејзиниот квалитет. За оствареното, очекувањата во Првата лига, плановите и за иднината на македонската женска одбојка разговаравме со Ана Пејовска, тренерка на млади категории и администраторка во ОК Газели Волеј.
Кога е формиран клубот, колку одбојкарки тренираат и дали постојат помлади категории што се натпреваруваат?
– Одбојкарскиот клуб Газели Волеј е формиран во 2018 година од страна на Бранка Каленикова, која денес е и претседателка на клубот. Во тренерскиот тим имаме 14 тренери, меѓу кои се и поранешни професионални одбојкари и одбојкарки, што е големо богатство за нашиот кадар. Моментално клубот има над 350 активни девојчиња на возраст од осум до 18 години, а тренинзите се одржуваат во СЦ „Форца“ во Скопје. Покрај досегашните натпреварувања во Втората лига, имаме и тимови во младинските категории – пионерки, кадетки и младинки, кои редовно се натпреваруваат и веќе покажуваат одлични резултати.
Очекувавте ли убедливо, без пораз, да бидете први во Втората лига и на тој начин за првпат да се пласирате во елитното друштво и како го доживеаја тоа одбојкарките?
– Земајќи ги предвид подготвеноста на нашите девојки и начинот на кој посветено тренираат, навистина се заслужени оваа позиција и скокот во најдобрата лига во женската одбојка. Напорно работеа сите девојки и тренери за да стигнат дотука, но напорната работа продолжува. Радоста кај секој поединец што беше дел од овој успех беше голема, а нормално нашите одбојкарки уживаа прославувајќи го на последниот одигран натпревар во Втората лига. Со голема возбуда и подготвени ќе ги дочекаме предизвиците што ни следуваат како клуб.
Кои се амбициите на клубот во Првата лига, каде што ќе играте со посилни екипи?
– Наша цел не е само да бидеме дел од елитата туку да се натпреваруваме рамноправно, да растеме и да покажеме дека Газели Волеј има што да понуди на највисоко ниво. Ќе продолжиме уште поодлучно, со уште повеќе вложување во тренинзи, анализа и развој на одбојкарките. Целиме високо, но со здрав темел и реална стратегија.
Дали во новата сезона размислувате да се засилите со нови одбојкарки од други клубови или ќе се продолжите со сегашниот играчки кадар?
– Засега ни остануваат уште два важни настана, а тоа е завршеток на кадетските и младинските државни првенства. Исклучително е важно за нас тоа што го имаме поставено и изградено, темелот на една извонредно талентирана генерација на девојки во Газели Волеј. Идејата е да се продолжи со нивното градење. Секако дека Првата лига ќе донесе нови предизвици за нив, а стручниот штаб што ќе го предводи тимот следната сезона ќе треба да донесе одредени одлуки што, пред сѐ, ќе бидат во полза на понатамошен напредок на оваа генерација. Тука е и сестринскиот клуб Форца Волеј, кој ќе продолжи со натпреварување во Втората македонска лига и ќе ги подготвува помладите генерации, кои подоцна ќе можат да се приклучат кон Газели Волеј. Ќе продолжиме да вложуваме во девојките што ги имаме, но клубот секогаш е отворен за ново збогатување на играчкиот и тренерскиот кадар.
Која е просечната старосна возраст на одбојкарките и кои имиња особено се истакнуваат?
– Ние имаме еден исклучителен тим што е посебен во многу аспекти, а еден од нив е тоа што сите девојки од првиот тим се млади кадетки, кои се родени 2008 и 2009 година, со исклучок на репрезентативката Емилија Попјордановска, како и нашата одбојкарка и тренерка Ивана Пејовска, кои со своето искуство и посветеност имаа можност да придонесат во градењето на оваа генерација.
Колку беа посетени Вашите натпревари во салата „Форца“ сезонава?
– Трибините се речиси полни на секој натпревар на кој играат нашите газели, особено полни трибини имаше на претпоследниот меч, кога покрај исполнетоста на сите места за седење, беше преполн и просторот кај влезот каде што поддржувачите на Газели Волеј стоеја. Сакам да напоменам дека сите наши натпревари во Втората лига што се одиграа на домашен терен можеа да се проследат и во живо на нашиот јутјуб-канал.
Според Вас, има ли иднина македонската женска одбојка, односно што треба да се стори за таа многу повеќе да напредува, односно да се привлечат што повеќе млади и талентирани девојчиња?
– Женската одбојка, како најмасовен женски спорт во Македонија и во светот, според нас, е на вистинскиот пат на развој. Нашиот клуб е само уште една потврда и поддршка на тоа што веќе сериозните клубови во земјава со години посветено го работат. Веруваме дека со заеднички сили ќе успееме уште повеќе да ги подигнеме квалитетот и популарноста на овој спорт. Убедени сме дека во периодот што следува, нашата работа, како и трудот на сите други клубови, ќе резултира со сѐ подобри настапи на македонската женска одбојкарска репрезентација.