Маер триумфира во супервелеслалом и на Игрите во Пјонгчанг пред четири години, претходно и на Игрите во Сочи 2014, со што стана првиот скијач што освоил три златни медали на три последователни игри

Австрискиот скијач Матијас Маер (31) ја одбрани титула во супервелеслалом на Игрите во Пекинг и го додаде третиот олимписки златен медал во својата колекција. Маер освои бронза во спустот во Пекинг.
– Бронзениот медал ми даде вистински поттик. Бев многу фокусиран на оваа трка, но не чувствував притисок, бев слободен во умот – изјави Маер, кој го надмина својот татко Хелмут Маер, освојувачот на сребро во супервелеслалом на Игрите во Калгари 1988, кога оваа дисциплина дебитира на ЗОИ.
Маер триумфира во супервелеслалом и на Игрите во Пјонгчанг пред четири години, кога ја прекина 16-годишната доминација на скијачите од Норвешка во оваа дисциплина. Претходно на Игрите во Сочи 2014, Маер победи во спуст. Тој стана првиот скијач што освоил три златни олимписки медали на три последователни игри.
Сребрениот медал му припадна на Американецот Рајан Кокрен-Сигл (29), кој задоцни само четири стотинки зад Маер! Тој медал на Кокрен-Сигл доаѓа по речиси 50 години од денот кога неговата мајка, Барбара Ен Кокрен, го освои златото во слалом на Игрите во Сапоро во 1972 година.

– Слушнав многу совети во текот на годините од мајка ми. Успеав да го канализирам сето тоа и мислам дека на некој начин разбрав што сѐ е потребно. Мора да се справите со многу работи, мора да сте ментално многу силни за да се појавите на патеката и да го дадете најдоброто од себе – изјави Кокрен-Сигл.
Водачкиот во супервелеслалом во Светскиот куп (СК), Норвежанецот Александер Амод Килде, мораше да се задоволи со бронзата.
– Мислев дека ќе победам кога ја минав целта, но потоа двајца момци скијаа шампионски. Ова трето место е како победа за мене – изјави Килде, кој беше петти во спустот.
Килде и Швајцарецот Марко Одермат доминираа во супервелеслалом во СК сезонава. Килде победи на три од петте трки, а Одермат на другите две. Тој беше меѓу фаворитите за медал, но излета од патеката пред целта. Одермат само вторпат не завршува трка во супервелеслалом од дебито во СК во 2018 година.
– Ризикував, дефинитивно тоа беше потребно за да имам шанса за медал. На ОИ само медалот е значаен, затоа ризикував малку повеќе отколку што е вообичаено во СК, каде што некои поени се важни – рече Одермат.