Топчињата многу побрзо се движат и затоа момците што добро ќе го враќаат сервисот ќе бидат суперконкурентни, вели австралискиот тенисер Џон Милман

Можам да кажам дека ова е најбрзиот тениски гранслем-турнир во последно време. Топчињата многу побрзо се движат, особено кога има сонце и затоа момците што добро ќе го враќаат сервисот ќе бидат суперконкурентни, изјави австралискиот тенисер Џон Милман за австралискиот весник „Хералд сан“.
– Најдобро на овој турнир ќе поминат тенисерите што имаат добар прием по сервис, како Новак Ѓоковиќ како супериорен, а тешко ќе биде да се победат и Роберто Баутиста Агут и Данил Медведев. Тоа се момци што главно заземаат добра позиција внатре во теренот и ја користат брзината на теренот за да го вратат ударот – вели Милман, со кого за брзината на терените се согласуваат и некои други негови колеги.

Во разговорот за „Хералд сан“, Милман зборува и за „меурот“ во кој се наоѓаат тенисерите за време на турнирот.
– Локацијата на хотелот на Лонг Ајленд е сосема поинаква од онаа на која сме навикнати на Менхетн. Обезбедувањето е на многу високо ниво, за да не се случи некој на своја рака да го напушти „меурот“ – вели Милман.
По првиот натпреварувачки ден на вториот гранслем-турнир годинава, елиминирани се пет од носителите, и тоа четири во машка и една во женска конкуренција (вкупно има по 32).