Во генералниот пласман и понатаму прв е Велшанецот Томас

ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ЏИРО Д’ИТАЛИЈА

Триумф на Денц во 12. етапа

Германецот Нико Денц, од тимот Бора Хансгрое, триумфира на 12-та етапа (185 км) на познатата велосипедска трка Џиро д’Италија (4 часа, 18 мин. 11 сек.), пред Летонецот Томс Скујинс (Трек Сегафредо) со исто време. Велшанецот Герант Томас (Инеос Гренадиерс) ги задржа челната позиција и розовата маичка во генералниот пласман (49 часа, 2 мин. 5 сек.), пред да започнат алпските етапи. За Денц, кој заедно со група велосипедисти се издвои од другите, ова беше прва етапна победа во шестиот настап на Џиро д’Италија, а втора во низа за Германија, по 2008 година.
Зад лидерот во вкупниот пласман, со две секунди заостанува Словенецот Примож Роглич (Џамбо Визма), додека трет е Жоао Алмеисе (Емирати), има со 22 секунди послабо време.
Вчера според распоредот, велосипедистите требаше да влезат во Швајцарија, каде што ги чека планинска етапа, а сѐ ќе се решава во последната трета недела, кога следуваат најтешките делници, кои ќе се возат на Алпите. Годинашново, 106-то издание на Џиро д’Италија трае вкупно 21 ден, а беа пријавени вкупно 176 натпреварувачи. Г.И.


Во финалето, италијанскиот клуб ќе игра против Вест Хем, кој го елиминира Базел

ФУДБАЛ – КОНФЕРЕНЦИСКА ЛИГА
Фиорентина по 33 години обезбеди европско финале

Екипата на италијанскиот прволигаш Фиорентина успеа да се пласира во финалето на Конференциската лига на УЕФА, откако во реванш-мечот на гостински терен славеше дури по продолжението со 1-3 над швајцарскиот претставник Базел. За Фиорентина ова е огромен успех, оти по дури 33 години ќе игра едно европско финале, а за противник ќе го има премиерлигашот Вест Хем, кој, пак, минимално со 1-0 славеше на гостувањето кај холандски АЗ Алкмар.
Фиорентина поведе со голот на Николас Гонзалез (35-та минута), израмни Зеки Амдуни (55), додека повторно Гонзалез погоди за ново водство и обезбедување продолжение на натпреварот. Победничкиот гол го постигна Антонин Барак (129). Првиот дуел го доби Базел со 2-1.
Вест Хем, пак, минимално славеше со 1-0, а единствениот гол го постигна Пабло Форналс (94) и со вкупни 3-1 по двата одиграни меча се најдоа во финалето на ова трето по ранг натпреварување, кое е предвидено да се игра на 7 јуни на стадионот „Фортуна Арена“ во чешкиот град Прага. Г.И.


Предводен од тандемот Јокиќ – Мареј, Денвер го победи Лос Анџелес лејкерс (108-103) и поведе со 2-0 во серијата прв до четири победи

КОШАРКА – НБА, ФИНАЛЕ НА ЗАПАДОТ
Денвер чекори сигурно, вторпат совладан Лос Анџелес лејкерс

Тандемот Јокиќ – Мареј го предводеше Денвер до втората победа против Лос Анџелес лејкерс во вториот дуел од финалето на Западната конференција во НБА-лигата. Денвер на свој терен славеше со 108-103 и поведе со 2-0 во серијата прв до четири победи, за пласман во големото финале. Српскиот центар Никола Јокиќ впиша уште еден трипл-дабл, а Џамал Мареј брилијантно ја водеше екипата до самиот финиш. Натпреварот беше неизвесен, а победата беше осигурена во последната четвртина, која ја добија домаќините со 32-24.
Најпрецизен во екипата на Денвер беше Мареј со 37 поени, 10 скока и пет асистенции, Јокиќ уфрли 23 поени, а придодаде уште 17 скока и 12 асистенции, додека Мајкл Портер даде 16 поени. Кај поразениот тим, Остин Ривс и Леброн Џејмс реализираа по 22 поени, Руи Хачимура постигна 21, а Ентони Дејвис впиша 18 поени и 14 скока.
Следниот трет натпревар од оваа серија се игра во Лос Анџелес, в недела наутро. Рано утрово, пак, според распоредот беше предвиден и вториот дуел од финалето на Источната конференција помеѓу Бостон и Мајами. Првиот меч како гостин го доби Мајами. Г.И.