НБА
Џејмс станува најплатениот кошаркар во историјата

Кошаркарот на Лос Анџелес лејкерс, Леброн Џејмс, ќе биде најплатениот играч во историјата на НБА, оти од загарантирани договори ќе заработи вкупно 532 милиони долари, пренесуваат американските медиуми.
Џејмс е првиот кошаркар во историјата на НБА-лигата што од договорот ќе заработи повеќе од половина милијарда долари. Тој се согласи на двегодишен договор со клубот од Лос Анџелес, вреден повеќе од 97 милиони долари. Тој со новиот договор го престигна кошаркарот на Бруклин, Кевин Дурант, кој од загарантирани договори ќе заработи 499 милиони долари.
Трет најплатен кошаркар во историјата засега е играчот на Голден Стејт, Стеф Кари, со 470 милиони долари. Кошаркарот на Денвер, српскиот интернационалец Никола Јокиќ, е на седмото место на листата, со 419 милиони долари. Г.И.


ТЕНИС
Рекордни 60,1 милиони долари на САД опен

Наградниот фонд на годинашниот гранслем-тениски турнир во Њујорк, на Отвореното првенство на САД (се игра од 29 август до 11 септември), ќе изнесува рекордни 60,1 милиони долари, соопшти Американската тениска асоцијација.
Победниците во женска и во машка поединечна конкуренција ќе добијат по 2,6 милиони долари, двојно повеќе од поразените во финалето. Шампионите во двојки, пак, ќе добијат 688.000 долари, двојно повеќе од второпласираните.
Вкупниот награден фонд надминува 57,5 милиони долари од минатата година, со акцент врз зголемување на наградите за играчите што ќе бидат елиминирани во раните рунди. Тоа значи дека секој(а) тенисер(ка) во поединечна конкуренција што ќе биде елиминиран(а) во првото или во второто коло ќе добие 80.000, односно 121.000 долари. За оние што ќе настапат во квалификациските рунди на располагање ќе им биде награден фонд од над 6,25 милиони долари. Л.Д.