НБА
Морант најмлад најефикасен кошаркар во плејоф-меч

Плејмејкерот во Мемфис, Џа Морант, го заврши мечот со 47 поени во поразот од Јута (129-141) во Западната конференција во кошаркарската НБА-лига, поставувајќи рекорд според бројот на постигнати поени на еден натпревар од плејофот.
Тој стана најмладиот кошаркар во историјата на НБА со повеќе од 45 поени во плејоф-дуел и само втор што стигнал до тој ефект на 21 или помалку години. Првиот е кошаркарот на Лос Анџелес лејкерс, Леброн Џејмс, во 2006 година.
Резултатот помеѓу Јута и Мемфис моментно е 1-1 во победи во серијата што се игра до четири триумфи. Кај победникот доминираше плејмејкерот Донован Мичел, кој се врати на паркетот откако ги пропушти последните 17 натпревари поради повреда на скочниот зглоб. За 25 минути минати на теренот, Мичел постигна 25 поени, а шутираше 5/10 за три поени.
Во преостанатите одиграни мечеви од оваа конференција Филаделфија вторпат го победи Вашингтон (120-95) и поведе со 2-0, а Њујорк беше поуспешен од Атланта (101-92) и израмни на 1-1. Г.И.


ФУДБАЛ

Без промени на листата на ФИФА, Македонија на 62-то место

Македонската репрезентација остана на 62-то место на мајската ранг-листа на Светската фудбалска федерација (ФИФА). Во пресрет на Европското првенство немаше ниту една промена во пласманите на европските селекции. Во светски рамки, Белгија остана прва, пред Франција, Бразил, Англија, Португалија, Шпанија, Италија, Аргентина, Уругвај, Данска…
Од групата Ц на Европското првенство, во која е и Македонија, најдобар пласман на листата на ФИФА за мај има Холандија, на 16-то место, а потоа се Австрија на 23-то и Украина на 24-то место.
Повеќе промени во пласманите се очекуваат на следната листа, предвидена за 12 август, по Европското првенство и шампионатот на Јужна Америка, двете во јуни и во јули годинава, како и првенството на Северна Америка, во јули и во август.


ФУДБАЛ

Можно е да се укине правилото за гол на гости?

Европската фудбалска унија (УЕФА) денеска во Порто треба да разговара за потенцијалното укинување на правилото за предност на тимовите со повеќе постигнати голови во гости при вкупен нерешен резултат во нокаут-средбите, пишуваат британски медиуми. За укинување на ова правило веќе некои европски медиуми пишуваа годинава, а се шпекулираше и дека ова правило ќе остане важечко доколку резултатот е изедначен по 180 минути игра, а тоа не би важело во случај на продолженија. Правилото „гол на гости“ во европските фудбалски купови е воведено во 1965 година, прво во тогашниот Куп на победниците на куповите. Пред ова правило по нерешен резултат се играл трет меч на неутрален терен.