Алекс Маркез ја прослави својата прва победа во трка во Мото ГП, но во виртуелната трка со име „Седи дома ГП“, во која учествуваа 10 врвни мотоциклисти, меѓу кои и неговиот постар брат и шесткратен светски шампион Марк Маркез, пишува агенцијата „Ројтерс“. Поради пандемијата на коронавирусот, кој внесе застој во спортот во живо, 23-годишниот шампион во Мото 2 уште ја чека својата деби-трка во врвната категорија, откако му стана тимски колега на Марк.

Откажани се сите трки до 17 мај. Виртуелната онлајн-трка за возачите што ги управуваа моторите преку џојстик, ја организира Мото ГП, за да им понуди на своите обожаватели забава додека ја следат препораката за седење дома.
– Навистина сум задоволен што победив во мојата прва трка – се пошегува Алекс, чиј брат ги освои последните четири титули во Мото ГП и триумфира на 12 од 19-те трки минатата година.

Тој, исто така, откри дека индонезискиот е-возач Путут Маулана, му дал неколку корисни совети, кои ги чувал за себе во братското ривалство.
– Уживав во трката и верувам дека сите што гледаа добро се забавуваа. Останува да се надеваме дека сите ќе продолжат да ги следат советите на лекарите и на научниците, за да можеме да се вратиме во нормален живот – порача Алекс Маркез.