Во прeсрет на ЕКК што од утре трeба да се игра во Струга, каде што треба да настапи и актуелниот светски првак Карлсен, потсетуваме на најголемите шаховски турнири играни во Македонија, како ЕП во брз и во забрзан шах и СП во решавање и составување шаховски проблеми

НАЈГОЛЕМИ ШАХОВСКИ НАСТАНИ ОДРЖАНИ ВО МАКЕДОНИЈА (4)

Европскиот клупски куп (ЕКК), кој треба да се игра во Струга од утре, е нов во низата големи шаховски настани што се одржувале во Македонија, а на ова првенство се очекува да настапи и светскиот првак Магнус Карлсен. Во пресрет на ЕКК, во неколку продолженија потсетуваме и на други големи шаховски турнири во Македонија.
По Шаховската олимпијада во Скопје во 1972 година, турнирите „Средба на солидарноста“, поединечното Европско првенство (ЕП), во 2001 и во 2019 година, ЕКК во Охрид пред 12 години и во Скопје во 2015 година, Македонија беше домаќин на уште два големи шаховски настани, и тоа на 31. ЕП во забрзан и во брз шах во Скопје, како и Светското првенство (СП) во решавање и компонирање шаховски проблеми во Охрид, двете во 2018 година.
На ЕП во брз шах во 22 кола во конкуренција на 312 шахисти, од нив 61 велемајстор (ВМ) од 37 држави, победи Владислав Артемиев со 18,5 поени, а најуспешен македонски шахист беше Кирил Георгиев, 30-ти со 14,5 поени. На ЕП во забрзан шах пак, по 13 кола победи Русинот Валери Попов со 10,5 поени (Георгиев со 10 поени беше одличен петти).

Во 2018 година, во рамките на 61-от Конгрес на шаховската композиција (190 гости од над 30 држави), се одржа и СП во решавање и составување шаховски проблеми. Во решавање шаховски проблеми, каде што главен судија беше истакнатиот македонски проблемист Иван Денковски, меѓу 19 држави, златото го освои Полска, пред Русија и Англија, поединечно нов светски првак стана Полјакот Пјотр Мурџа, а најуспешен Македонец беше Зоран Стојчевски (72. место од 83 натпреварувачи).
Беа прогласени и најдобрите во неколку секции во компонирање шаховски проблеми, а меѓу нив беа и ВМ на шаховска композиција, Зоран Гавриловски, кој го освои златниот медал во помошен мат во два потега, но и уште четири награди на три неофицијални турнири во составување шаховски композиции доделени во рамките на Конгресот. Втора награда освои Иван Денковски (категорија ретропроблеми), а пофалба, Петре Стојоски (категорија помошен мат во пет потези).
Покрај овие досегашни најзначајни шаховски настани, во Македонија се одржаа уште: 12-от двомеч СФРЈ – СССР (1969 година) во Скопје, Првиот меѓузонски турнир за жени (1971) во Охрид, 15-от двомеч СФРЈ – СССР (1972) во Охрид, 43-от Конгрес на ФИДЕ (1972) во Скопје, 16-та Балканијада за мажи, жени и за младинци (1984) во Струга, од 1984 година во Скопје почна да се одржува и традиционалниот „Опен Скопје“…