ТЕНИС

В понеделник почнува 134-то издание на престижниот турнир, кој ќе се одржи по едногодишна пауза поради пандемијата на коронавирусот

Петтиот светски тенисер и актуелен шампион на САД опен, Австриецот Доминик Тим, го откажа настапот на лондонскиот гранслем-турнир Вимблдон поради повреда на десниот зглоб, која ја доби за време на АТП-турнирот во Мајорка. Поради уште незаздравени повреди од турнирот во мај, својот настап на Вимблдон го откажа и актуелната шампионка на тој турнир од 2019 година, Симона Халеп.

Учеството на Вимблдон претходно го откажаа и Рафаел Надал, Милош Раониќ, Давид Гофин, Станислас Вавринка, Кајл Едмонд, Ричард Гаске, Борна Чориќ кај тенисерите, а кај тенисерките дел од третиот гранслем-турнир годинава нема да бидат и Наоми Осака, Џенифер Бреди, Кристен Флипкенс, Барбора Стрицова… Со мечевите од 1-то коло в понеделник почнува 134-то издание на престижниот турнир што се игра на тревна подлога и кој ќе се одржи по едногодишна пауза поради пандемијата на коронавирусот. Новак Ѓоковиќ ќе ја има улогата на бранител на титулата освоена во 2019 г. во машка конкуренција.

Вкупниот награден фонд на турнирот оваа година ќе биде 35 милиони фунти, а шампионите во поединечна конкуренција (мажи/жени) ќе добијат по 1,7 милион фунти. Во споредба со 2019 година, наградниот фонд бележи пад од 5,2 отсто (во 2019 беше 38 милиони фунти). Шампионите во 2019 добиваа по 2,35 милиони фунти, но за сметка на тоа намалување годинава ќе се зголемат висините на наградите за тенисерите што порано ќе испаднат од конкуренција.