Еден систем на натпревари ретко се задржувал на повеќе од два мундијала во низа, освен за тие од СП 1986 до СП 1994 и за актуелниот, кој е важечки од 1998 година. Но форматот одново ќе се смени за следниот шампионат, кога ќе се зголеми бројот на репрезентации учеснички, од 32 на 48
ФУДБАЛ – УШТЕ ДЕВЕТ ДЕНА ДО ПОЧЕТОКОТ НА СП 2022
Форматот на натпревари на светските првенства (СП) во фудбал често се менувал, а нов е најавен за следното СП, во 2026 година. Почна со групна фаза, потоа следуваа чести промени, а на некои мундијали имаше неверојатни иновации.
На првото СП, во 1930 година, се играше во и денес добропознатиот формат, групна фаза, со мечеви секој со секого, па потоа нокаут-средби, прво со полуфиналиња. Но не се играше меч за третото место, кој првпат се појави на следниот шампионат, во 1934 година. Но веќе на второто СП се напушти играњето во групи и веднаш се почна со осминафинале. Згора, во случај на реми по 120 минути игра, се играл нов меч. Ваквиот систем на натпреварување беше задржан и за СП 1938.
Нова промена беше воведена за следниот планетарен собир, во 1950 година. Се врати играњето по групи, а победниците се пласираа во нова финална група, каде што, сосема случајно, потоа последниот меч беше и решавачки за титулата (играа Уругвај и Бразил). Тоа е единственото СП без класично финале.
Веќе на следното СП, во 1954 година, имаше нова промена на форматот. Групите беа задржани, но составени од по две репрезентации носители и неносители. Во групите носителите играа со неносителите, вкупно два меча наместо три како во регуларна групна фаза. Згора, во групната фаза, ако по 90 минути игра било нерешено, се играле продолженија, уште 30 минути (карактеристично за нокаут-средби), и ако и тогаш било реми, двете селекции освојувале по еден бод. Ако, пак, по двете кола некои селекции биле израмнети со бодовите во трката за второто место, тогаш се играл плејоф-меч меѓу нив за да се одреди вториот патник во четврт-финалето. Ако тој меч завршел со реми по 120 минути, за пласманот решавала ждрепка. Со плејоф се заокружиле две групи. За четврт-финалето и за полуфиналето биле влечени ждрепки за одредување на двојките.
Форматот за СП 1958 се сврте кон стандардниот начин со групна фаза, во која секој игра со секого. Но во случај две репрезентации да се израмниле на врвот со бодовите, решавала вкупната гол-разлика, а ако двете израмнети селекции се на второто место, тогаш бил предвиден плејоф помеѓу нив, како на СП 1954. По групната фаза следуваше четврт-финалето, без ждрепка, туку со однапред одредени двојки според пласманот во групите.
Сличен систем на натпревари бил применет и на СП 1962 и 1966, со тоа што во случај на бодовна израмнетост, решавала гол-разликата. Во нокаут-средбите, освен за финалето, ако било нерешено по 120 минути, била предвидена ждрепка за да се одреди патникот во следната рунда, а за финалето бил предвиден и нов меч ако првиот заврши со реми, а потоа и ждрепка. И за СП 1970 бил предвиден истиот формат, со тоа што при бодовна израмнетост прво решавала гол-разликата, а ако тоа било исто, следувала ждрепка, која би била применета и во нокаут-средбите ако било нерешено по 120 минути игра.
За СП 1974 бил воведен нов формат, прва групна фаза со четири групи со по четири селекции, а потоа втора групна фаза со две групи со по четири репрезентации, од каде што првопласираните играле во финалето, а второпласираните во мечот за третото место. За финалето и за мечот за третото место првпат биле предвидени изведувања пенали ако мечевите завршеле со реми по 120 минути игра. Истиот формат бил и на СП 1978.
Светската фудбалска федерација (ФИФА) го зголеми бројот на учесници на СП, па во 1982 година настапија 24 репрезентации. Тие беа поделени во шест групи, од кои по две најдобропласирани играа во следната групна фаза со четири групи со по три репрезентации, Победниците на тие групи се пласираа во полуфиналето. На СП 1986 одново играа 24 репрезентации, но сега не се играше втората групна фаза. Така, во осминафиналето се пласираа по двете најдобри селекции од шесте групи, како и четири најдобри меѓу третопласираните. Така се играше и на СП 1990 и на СП 1994.
На СП 1998 првпат настапија 32 селекции. По групната фаза со осум групи со по четири селекции, во осминафиналето се пласираа најдобрите две репрезентации од секоја група. Истиот формат е применет и за СП 2002, 2006, 2010, 2014, 2018, како и за СП 2022. На СП 2026 ќе настапат 48 репрезентации, со нов систем на натпревари.