На натпреварот во вторник ќе се сретнат актуелната репрезентација на Македонија и селекцијата на ракометни ветерани. Целиот приход од влезниците ќе биде наменет за „СОС детското село“
На претстојниот хуманитарен ракометен и спортски спектакл, наречен „Сите ѕвезди“, на 3 јануари 2023 година (19 часот), во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, ќе се сретнат актуелната ракометна репрезентација на Македонија, која се подготвува за настап на Светското првенство, и селекцијата на ракометни ветерани, за која се очекува да настапат дваесетина играчи што се збогуваа со активното играње или се блиску до спортско пензионирање. Целиот приход од влезниците ќе биде наменет за „СОС детското село“.
– Веќе влегувам во десеттата година од мојот мандат, а кога почнував многумина од овие играчи беа во зенитот на своите кариери. Денеска веќе не се активни, но овие генерации што сега доаѓаат учеа токму од поранешните, а мене како претседател на Ракометната федерација на Македонија ми претставува голема чест да се биде дел од овој настан и на овие 20 горди Македонци што секогаш даваа сѐ од себе, бранејќи ги боите на државата. Тие заслужуваат уште повеќе. Најразличните ситуации и пандемијата спречија и порано да има ваков собир, но сега целосно сме насочени за што подобро издание. Се надевам дека ќе стигнеме до сума од околу еден милион евра, која ќе биде донирана онаму каде што е најпотребна – изјави претседателот на Ракометната федерација на Македонија (РФМ), Живко Мукаетов.
Селектори ќе бидат Звонко Шундовски и Илија Темелковски.
– Ме радува тоа што по многу години ќе се собереме сите на едно место. Се надевам дека ќе бидеме сите заедно, дека ќе се подготвиме што е можно подобро да се прикажеме во суперсветло издание и ќе им дадеме достоен отпор на активните играчи. Ако овој настан им донесе среќа на ракометарите на СП, тогаш нека прерасне во традиција – рече Ванчо Димовски.
Билетите се во продажба преку мрежата на „МК тикетс“, по цена од 250 и 300 денари. Влезниците може да се набават и онлајн, како и на продажните места на „МК тикетс“ низ цела Македонија.
– Овој настан претставува одлична можност да ѝ се даде почит на една генерација ракометари што твореше со години, но и да им се даде почит на новата генерација и репрезентација и нејзиниот нов почеток – изјави Стојанче Стоилов.
Во музичкиот дел, според најавите, публиката ќе ја забавуваат „Некст тајм“, „Меморија“, Кики, Александар, Драган Спасов и други, а модератор ќе биде актерот Сашко Коцев. Г.И.