Ракометарите на Вардар по 16-ти пат славеа, победувајќи го во финалето Еурофарм Пелистер со 26-25, додека ракометарките на Куманово беа поуспешни од Вардар со 32-31

РАКОМЕТ – КУП НА МАКЕДОНИЈА

Ракометарите на Вардар и ракометарките на Куманово се годинашни освојувачи на трофеите во Купот на Македонија, чија завршница се играше во спортската сала „Билјанини Извори“ во Охрид.
Вардарци по 16-ти пат го освоија славеничкиот пехар, откако во драматично финале минимално со 26-25 го совладаа битоски Еурофарм Пелистер. За црвено-црните ова беше трета победа во низа над битолчани во натпреварите за куп-титулата.
Најефикасни во победничкиот состав беа Куни Моралес и Леонардо Дутра, и двајцата со по седум гола, а Филип Талески постигна еден помалку. Кај поразениот тим Усама Хосни и Мохамед Суси по пет пати ја затресоа противничката мрежа.
– Во Битола беше поголем притисокот затоа што игравме пред полна сала. Бевме нервозни, со многу технички грешки. На овој меч тоа не се случи, игравме добро и во одбрана и во напад и заслужено се радувавме. Клучно за овој успех во купот беше желбата за победа. И покрај сите проблеми ние игравме најдобар ракомет, заслуживме да ја одбраниме титулата, но во Автокоманда бевме физички и емотивно испразнети и кикснавме. Можеби тоа на крајот ќе нѐ чини титула, но затоа сега го освоивме купот. Среќни сме за победата – изјави тренерот на Вардар, Владо Недановски.
По мечот, Ракометната федерација на Македонија (РФМ) ги прогласи најдобрите на Ф4-турнирот. Така, Борко Ристовски беше прогласен за најдобар голман, Дејан Манасков за најдобар стрелец, додека Леонардо Дутра е прогласен за МВП на куп-завршницата, сите тројца ракометари на Вардар.

– Вардар заслужено победи и го освои купот. Водеа од првата до последна минута, а ние не бевме на нивото на кое требаше да бидеме. Игравме лошо во одбрана, немавме агресивност, за разлика од Вардар. Имаме уште два меча до крајот, мора да победиме на двата ако сакаме да ја освоиме првенствената титула – рече тренерот на битолчани, Александар Јовиќ.
Еурофарм Пелистер последен пат бил шампион на Македонија во 2005 година.
Ракометарките на Куманово третпат го кренаа трофејот во Купот на Македонија, откако славеа во финалето против Вардар со минимални 32-31. Најдобра ракометарка во финалето беше прогласена Алмеида Коста Андреза од победничкиот состав, која даде 11 гола, додека кај вардарки предничеше Сара Стефановска со 10 гола.
Трите трофеи во куп-натпреварувањето, Куманово ги освои победувајќи во 2019, во 2021 и сега во Охрид. Пред нив на листата најуспешни екипи се Кометал Ѓорче Петров со 16, Вардар има шест, а Металург пет трофеи.
– Горд сум што сум во женскиот ракомет и благодарен сум им на девојките за овој триумф. Дојдовме малку поодморени во финалето, додека вардарки имаа тежок меч во полуфиналето и беа уморни, а нашите ракометарки ако не беа во таков грч, можевме да си обезбедиме полесна завршница – изјави тренерот на Куманово, Славиша Димитриески.
Во полуфиналето, Вардар направи подвиг откако во градското дерби го совлада Ѓорче Петров со 30-27. Г.И.