Откако на СП 2023 нема да биде соборен рекордот за најмногу настапи на светските првенства за мажи, 11 пати, поставен од линискиот играч на Аргентина, Гонзало Кару, кој се повлече по СП 2021, неколку играчи трета деценија по ред треба да настапат на светските првенства за мажи. Карабатиќ е единствениот на СП 2023 што играл на осум мундијали, по седум имаат Хансен, Дувњак и Канељас, пет играчи имаат по шест настапи… Карабатиќ и Хансен, пак, ќе играат и за надминување на голгетерската граница од 300 мундијалски гола… Искуството е клучно во обидот да се освои титулата светски првак, а тоа се докажуваше одново и одново во претходните децении, кога ветераните имаа одлични изведби на патот кон титулите, пишува ИХФ

ВО ПРЕСРЕТ НА 28-ОТ МУНДИЈАЛ ВО ПОЛСКА И ВО ШВЕДСКА

На годинашново, 28. по ред Светско првенство (СП) во ракомет за мажи во Полска и во Шведска (од среда до 29 јануари), кое ќе биде едно од најсилните досега, освен Романија (четири злата) и Русија (две), ќе настапат преостанатите досегашни светски прваци, и тоа Франција (шест злата), Шведска (четири), Шпанија, Германија, Данска (по две) и Хрватска (едно). Најмногу медали освои Шведска, вкупно 12 (по четири злата, сребра и бронзи), пред Франција со 11 (6-1-4). Од европските прваци, исто така, на ова Светско првенство ќе присуствуваат сите досегашни носители на златен медал, освен Русија, која еднаш била европски шампион и двапати втора. Преостанатите пет шампиони, Шведска (пет злата), Франција (три), Шпанија, Данска и Германија (по две), ќе бидат дел и од СП 2023, или вкупно 20 држави што освојувале најмалку еден медал од СП.
Најмногу учества на светските првенства има Шведска, 25, пред Данска со 24 и Франција до 23. Македонија досега настапила седум пати на мундијалите, а најдобар пласман ѝ е деветтото место во 2015 година. Рекордер според бројот на постигнати голови на едно Светско првенство е сегашниот селектор на Македонија, Кирил Лазаров, со 92 погодока на СП пред 14 години.
На претходниот Мундијал титулата ја освои Данска, втора беше Шведска, трета Шпанија, а четврта Франција. На Европското првенство во 2022 година, пак, златото го освои Шведска, втора беше Шпанија, трета Данска, а четврта Франција.
РЕКОРДИ, ИСКУСТВО…
Искуството е клучно во обидот да се освои титулата светски првак, а тоа се докажуваше одново и одново во претходните децении, кога ветераните имаа одлични изведби на патот кон титулите, пишува Интернационалната ракометна федерација (ИХФ). Откако на СП 2023 нема да биде соборен рекордот за најмногу настапи на светските првенства за мажи, 11 пати, поставен од линискиот играч на Аргентина, Гонзало Кару, кој се повлече од меѓународниот ракомет по СП 2021 и ќе биде асистент на во јужноамериканската репрезентација, неколку играчи трета деценија по ред треба да настапат на светските првенства за мажи, пишува ИХФ.

Лидер според бројот на настапите на ова Светско првенство е левиот бек на Франција, Никола Карабатиќ, единствениот играч на СП 2023 што претходно играл на осум изданија на мундијалите, почнувајќи од Светското првенство во 2005 година. Тој освои шест медали (четири златни и две бронзени), двапати беше прогласен за најкорисен играч (МВП), и тоа на планетарните шампионати во 2011 и во 2017 година, и секако е еден клучните играчи на репрезентацијата на Франција, кому му се потребни уште 18 гола за да ја достигне границата од 300 гола.
ДАНСКА Е БЕЗ ПОРАЗ НА ДВЕ СВЕТСКИ ПРВЕНСТВА ВО НИЗА
Кај актуелните прваци, Данците, кои не загубија ниту еден меч во изминатите две светски првенства на патот до трофејот, секако доминира левиот бек Микел Хансен, кој трипати бил МВП и сега му требаат уште 12 гола за да стигне до границата од 300 гола. Тој осми пат ќе настапи на мундијалите. Покрај него, тука се уште искусните, голманот Никлас Ландин, двапати прогласен за најдобар ракометар во светот, и десното крило Ханс Линдберг (41), кој по неиграњето во Египет, се враќа во репрезентацијата по освоените три медали, злато во 2019 година, сребро во 2011 и во 2013 година.
Кај Хрватите, средниот бек Домагој Дувњак (34), кој беше избран во олстар-тимот во 2013 година, кога Хрватска освои бронза, ќе го има осмиот настап на СП, како и шпанскиот бек Жоан Канељас (36). Тој помогна Шпанија да освои три медали, златен во 2013 година и бронзи во 2011 и во 2021 година. Пет играчи седми пат ќе играат на СП, голманот на Исланд, Бјорвин Пал Густавсон, голманот на Египет, Карим Хендави, германското десно крило Патрик Грецки, левото крило на Бразил, Фабио Чиуфа, Чилеанецот Родриго Салинас…


ВТОРО СП СО 32 РЕПРЕЗЕНТАЦИИ

По Мундијалот во 2021 година, и ова СП ќе се игра со 32 селекции, откако до СП 2019 настапуваа по 24 репрезентации. На годинашниот Мундијал репрезентации се поделени во осум групи, а прелиминарните натпревари ќе се играат во полските градови Краков (групи А и Ф) и Катовице (Б и Е) и во шведските градови Гетеборг (Ц), Кристијанстад (Д), Јонкопинг (Г) и Малме (Х). Завршницата за пласман на првите осум места ќе се игра во Стокхолм.
Македонија, која е во групата Ф, првиот меч на СП 2023 ќе го има в петок, со Норвешка, в недела е дуелот со Холандија, на 17 јануари со Аргентина, а сите три дуела се играат во Краков. Првите три селекции од секоја од осумте групи ќе се пласираат во следната групна фаза. Г.И.