Фото: РФМ

Дуелот со Естонија е денеска во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, од 20 часот. Македонија, која игра за настап на 17-то големо меѓународно натпреварување, во досегашните шест меча со Естонија забележа четири победи и две ремија

РАКОМЕТ

Македонската ракометна репрезентација денеска ги почнува квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2026 година во Данска, Шведска и во Норвешка, со дуелот со Естонија, во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, од 20 часот, во групата 1, во која се и Литванија и Словенија. На ЕП 2026 ќе играат првопласираните две селекции од секоја од осумте групи и четири најдобри меѓу третопласираните.
– Имаме прекрасна и позитивна енергија. Тоа се чувствува помеѓу сите играчи. Покажавме на последните натпревари дека играме добро, а тоа се виде и на мечевите против Фарските Острови. Изгледавме како вистинска селекција и мислам дека имаме светла иднина. Ова е нов, млад тим. Сите сме активни во клубовите и играме редовно, а тоа е добар знак за компактност на теренот – вели бекот Филип Кузмановски.
Кузмановски посакува публиката да дојде во што поголем број и да ги бодри на дуелот со Естонија.
– Нема да потцениме никого и ќе одиме чекор по чекор. Се надевам дека публиката ќе дојде во огромен број и ќе ни ја даде потребната поддршка за да почнеме со победа во овие квалификации – додава Кузмановски.
Младиот голман Иван Галевски првпат е во репрезентативниот состав.
– Ова е мој прв официјален собир, а честа и задоволството се огромни. Играме два меча, со Естонија и со Литванија, кои, секако, заслужуваат почит. Ќе го дадеме максимумот и ќе одиме на победи. Тука сум за да го оправдам повикот на селекторот и ќе дадам сѐ од себе – вели Галевски.

Македонија во вториот дуел од овој циклус ќе ѝ гостува на Литванија, в недела. Црвено-жолтите со ривалите за пласман на ЕП 2026 официјално одиграле вкупно 17 меча, во квалификациски дуели за пласмани на ЕП или на светски првенства (СП), или настапи на ЕП или на СП. Со фаворитот во групата Словенија најмногу, осум пати (шест порази и две победи), со Литванија три (два пораза и едно реми) и со Естонија шест пати (четири победи и две ремија).
Словенија на ЕП настапила 14 пати (27 победи, девет ремија и 43 порази), а најдобриот пласман го има на свој терен, во 2004 година, кога беше втора, а има и по едно четврто, петто место… Таа 10 пати играла на СП.
Литванија има учество на две ЕП (две победи, едно реми и шест порази), првото во 1998 (деветто место) и потоа во 2022 година (21. место) и едно учество на СП, во 1997 година (10. место). Естонија сѐ уште нема настап на ЕП и на СП. Македонија осум пати играла на ЕП (осум победи, пет ремија и 24 порази), а најдобриот пласман е петтото место во 2012 година, а и осум пати настапила на СП. Г.И.