Лазаров: Покажуваме квалитет и имаме свој идентитет

На почеток сме на уште едно големо натпреварување. Многу труд, ентузијазам и борба вложивме да дојдеме до СП, оти во меѓувреме направивме тотална смена на генерации и заеднички, обединети, дојдовме до посакуваниот настан. Момците треба да се охрабрат, да им се даде поддршка. Нѐ очекува турнирски систем, со многу натпревари во краток рок. Не смееме да бидеме еуфорични кога ќе победиме, не смееме да тагуваме кога ќе загубиме. Имаме една нова Македонија. Во првото коло играме со Норвешка. Верувам дека за брзо време Македонија ќе стане Норвешка. Сакаме и го одиме истиот пат и знам дека ќе станеме квалитетна репрезентација, вели селекторот Кирил Лазаров

РАКОМЕТ – ДЕНЕСКА ПОЧНУВА 28-ТО СВЕТСКО ПРВЕНСТВО

Ракометните возбудувања може да почнат. Од денеска до 29 јануари во Полска и во Шведска ќе се одржува 28-то Светско првенство (СП) во ракомет за мажи, едно од најсилните досега. А на него осми пат, а шести во низа, дел ќе биде и Македонија, предводена од новиот селектор Кирил Лазаров и во многу подмладен состав. Македонија досега настапила седум пати на мундијалите, а најдобар пласман ѝ е деветтото место во 2015 година.
– На почеток сме на уште едно големо натпреварување. Мислам дека одработивме квалитетни подготовки, со четири квалитетни натпревари и со сериозни противници и дека подготвено го дочекуваме СП. Многу труд, ентузијазам и борба вложивме да дојдеме до СП, оти во меѓувреме направивме тотална смена на генерации и заеднички, обединети, дојдовме до посакуваниот настан. Момците треба да се охрабрат, да им се даде поддршка, затоа што имаа многу напорна година на репрезентативен план, имаа едно ЕП, па два квалитетни баражи со екстра-квалитетни противници, Романија и Чешка. Ние сме во процес на подмладување, но покажуваме квалитет и, што е најважно, имаме свој идентитет, нешто што Македонија ретко кога го имала. Сигурен сум дека сме на добар пат. Нѐ очекува турнирски систем, со многу натпревари во краток рок. Не смееме да бидеме еуфорични кога ќе победиме, не смееме да тагуваме кога ќе загубиме. Имаме една нова Македонија – вели Лазаров.
Тој најави дека денеска ќе го скрати репрезентативниот список на 18 имиња, иако сите 21 ракометар ќе бидат во комбинација додека трае СП.
– Во првото коло играме со Норвешка, но верувам дека за брзо време Македонија ќе стане Норвешка. Станува збор за репрезентација што ќе се бори за медали, можеби и за најсјајниот, меѓутоа сакаме и го одиме истиот пат и знам дека ќе станеме квалитетна репрезентација – вели е Лазаров.
На СП 2023 ќе настапат шест од осумте претходни светски прваци (освен Романија, четири злата, и Русија, две), и тоа Франција (шест титули), Шведска (четири), Шпанија, Германија, Данска (по две) и Хрватска (едно).

– Имавме многу време да се подготвиме и сметам дека тоа добро го направивме. Во првиот меч играме со Норвешка, еден од фаворитите за златото. Повеќепати покажавме дека и кога е тешко, можеме, знаеме и зошто да не направиме некое изненадување. Станавме модерен национален тим, постигнуваме многу голови, треба да се фокусираме повеќе во одбраната, а со транзицијата да внимаваме. Можеме да трчаме, младоста ни го дозволува тоа. Имаме тешка група, но нема да се предадеме против никого – вели левиот бек Филип Талески.
Најмногу учества на СП има Шведска 25, пред Данска 24 и Франција 23. Македонија досега настапила седум пати на мундијалите.
– Одработивме одлични подготовки за ова СП, на кое заслужено се пласиравме елиминирајќи ги двете најдобри селекции во баражот. Дојде време сега за Норвешка, Холандија и за Аргентина. Никого нема да прецениме, ниту да потцениме. Имаме самодоверба, тактички добро сме подготвени, физички исто така, знаеме што сакаме. Сакаме да се претставиме во што е можно подобро светло и да го дадеме последниот атом на секој меч – рече искусниот голман Никола Митревски. Г.И.