Овој меч е од големо значење, како за нашиот клуб така и за македонскиот ракомет и спорт, и затоа многу претпазливо ќе влеземе во реваншот против Баја Маре, вели тренерот на Алкалоид, Кирил Лазаров
РАКОМЕТ – ЕВРОПСКИ КУП
Ракометарите на единствениот македонски клупски претставник во Европа, Алкалоид, предводени од тренерот Кирил Лазаров, утре (19 часот) во салата „Автокоманда“ во Скопје, ќе го играат реванш-натпреварот во полуфиналето на Европскиот куп против романскиот претставник Баја Маре. Како што е познато, првиот меч на гости заврши нерешено 31-31. Победникот од овој двомеч ќе се пласира во полуфиналето, а за ривал ќе го има подобриот од мечот помеѓу грчки Олимпијакос и норвешки Рунар Сандефјорд. Главните судии се Норвежаните Мадс Далби Фремштад и Јорген Јорштад, додека делегат е Србинот Бранка Мариќ.
– Се наоѓаме во период каде што ќе се бориме како клуб за полуфинале во едно европско натпреварување. Овој меч е од големо значење, како за нашиот клуб така и за македонскиот ракомет и спорт, и затоа многу претпазливо ќе влеземе во реваншот против Баја Маре. Им честитам на моите играчи за сето она што го доживеаја и поминаа пред, за време и по мечот против незгодната романска екипа и начинот кога се игра на гостински терен. Горд сум што одигравме квалитетно и дојдовме до позитивен резултат на гости. Сакам да ја држам екипата свесна и мотивирана затоа што се работи за екипа во која 99 отсто се македонски играчи, а од нив 90 отсто се млади и перспективни. Многу сум претпазлив, па и немирен за она што ни следува во недела, затоа што таа снимка што ја добивме од таму како клуб е половична, а второто полувреме не е снимано. Ќе се обидеме да се соземеме, да одиграме еден квалитетен натпревар. Секој нивни старт беше на работ на исклучување, а само двапати добија исклучување. Се надевам дека овој пат судиите ќе ги санкционираат нивните грубости. Се работи за екипа составена од репрезентативци, а десетина се странци. Ќе биде тежок натпревар. Мора да вложиме дополнителен напор за да се пласираме во полуфиналето. Очекувам поддршка од симпатизерите – вели тренерот на Алкалоид, Кирил Лазаров.
Алкалоид ќе биде ослабен на овој дуел, оти нема да настапат повредените Марко и Дамјан Митев, со што средната линија ќе биде ослабена.
– Задоволен сум од екипата, имаме систем што го надградуваме. Капитенот Игор Ѓоргиев ќе има уште поодговорна улога, но имаме опција и со Мартин Ивановски, кој по враќањето се приспособи и неочекувано даде квалитетни игри. Се надевам на брзо враќање на Дамјан Митев, кој би го користеле на средната бековска позиција, исто и Португалецот Франциско – дополни Лазаров.
Полн со оптимизам за претстојниот дуел со Баја Маре е и дефанзивецот Марко Стојковиќ.
– Го анализиравме противникот, се подготвуваме максимално за позитивен резултат и да се пласираме во полуфиналето. Ја повикувам публиката да дојде во голем број, да ни даде поддршка на натпреварот и на крајот сите заедно да славиме – рече Стојковиќ.
Освен натпреварот Извиѓач – Хаукар, кој се игра денеска, другите три се на распоредот во недела. Г.И.
Четврт-финале, втор меч
Извиѓач – Хаукар (27-30)
Алкалоид – Баја Маре (31-31)
Р. Сандеф.- Олимп. (31-37)
Партизан – АЕК (22-27)
(во заграда се резултатите од првиот натпревар)