Кога ќе се сумираат впечатоците, Алкалоид зад себе остава успешна сезона истакна тренерот Кирил Лазаров, кој ги посочи Куп -трофејот и настапот во Европа, вредни за издвојување, а истовремено испрати и апел до другите клубови да се работи повеќе со македонските репрезентативци со цел да се подигне нивото.
Тој истакна дека го одбрале потешкиот пат за остварување на успехот со тоа што шанса им даваат на домашни ракометари, но верува дека ова е правата стратегија од која бенефит ќе има и македонскиот национален тим.
– Клубот е формиран пред три години, но ние го одбравме потешкиот пат, иако знам дека е вистинскиот пат. Го одбравме македонскиот пат, работиме добро и за клубот, за државата, за македонскиот спорт и македонскиот ракомет – рече Лазаров и додаде:
– Се надевам дека и во иднина ќе продолжиме по тој пат иако воопшто нема да биде лесно, затоа што нашите најголеми конкуренти во македонската лига, која од година во година расте, имаат доста странци. Еурофарм Пелистер сезоната ја започна со 10 до 12 странски засилувања, Вардар, клуб со големо реноме и традиција, имаше осум странски играчи, Охрид дојде до бројката над 10 странси играчи оваа сезона, а морам да го споменам и Тиквеш, кој имаше шест странски засилувања. Ние со само еден странски играч успеавме да бидеме рамноправни, и рамо да рамо да се носиме со клубови кои многу вложуваат и ние сме благодарни за тоа, затоа што само така може да се развива ракометот и спортот во Македонија. Како што кажав, го одбравме потешкиот пат, па бараме разбирање и поддршка затоа што се соочуваме со многу предизвици. Се испробавме во Европската лига и увидовме дека се уште не сме кадарни да победуваме секогаш. Но и покрај тоа што имавме силни противници од Шпанија, Данска и Србија, успеавме да дојдеме до прва историска победа на домашен терен и прв историски бод на гостински терен, додаде тренерот на „Алкалоид“.
Лазаров ја потенцираше доминантната прва полусезона во домашното првенство со 14 победи на 14 меча, а потоа и освоената титула во Купот, каде во 72 часа, ги победија двата најконкурентни тимови.
– Посебно ми е драго што успеавме да направиме успеси во младинските категории. Апелирам до раководството на клубот уште повеќе да вложува во овие категории затоа што тоа е иднината на македонскиот ракомет. Апел и до другите клубови да не гледаат конкуренти во нас, туку да инвестираат во млади играчи, затоа што само така може ракометот да го задржи приматот спорт број еден – истакна Лазаров.