Федерацијата назначи и надзорна комисија за реализација на процесот на тестирање, а секој од клубовите ќе треба да назначи координатор. Сезоната треба да почне на 12 септември

РАКОМЕТ – ПОМОШ ЗА КЛУБОВИТЕ

Ракометната федерација на Македонија (РФМ) на седница на Управниот одбор реши за клубовите да ја укине котизацијата за новата сезона и да ги покрие трошоците за тестирањата на екипите на коронавирус. Тоа се дел од мерките во пресрет на почетокот на новата натпреварувачка сезона за помош на клубовите и за организација на претстојното првенство во услови на пандемија на коронавирусот.
Со укинувањето на котизацијата, клубовите ќе заштедат по 60 илјади денари. РФМ назначи надзорна комисија за реализација на процесот на тестирање, а секој од клубовите ќе треба да назначи координатор што ќе комуницира со Комисијата за реализација и за почитување на предвидениот здравствен протокол.

Исто така, РФМ во консултација со комесарот за натпреварување направи промена на натпреварувачкиот календар, така што наместо едно, ќе се играат две кола неделно. Натпреварите ќе се играат во понеделниците и во петоците.
Првата групна фаза од првенството треба да почне на 12 септември, а таа би требало да заврши во почетокот на ноември. Вториот дел од сезоната, со плејоф и со плејаут, предвиден е за напролет.