Фото: Маја Јаневска Илиева

Македонската машка ракометна репрезентација во 1. коло ќе игра на 12/13 октомври 2022, на домашен терен против Луксембург, во квалификациската група 1 за пласман на Европското првенство (ЕП), во 2024 година во Германија, во која се и Турција и Португалија.

– Добивме солидна група, нема да биде лесно, но сметам дека имаме реални шанси за пласман на ЕП во 2024 година. Не потценуваме никого, но дуелот со Португалија би требало да одлучи за тоа кој ќе биде првопласиран во нашата група – вели репрезентативниот голман Никола Митревски, кој успешно брани во португалскиот првак Порто, па добро го познава тамошниот ракомет.

Пласман на ЕП 2024 обезбедуваат првопласираните две селекции од секоја од осумте групи, како и најдобрите четири меѓу третопласираните репрезентации.

– На прв поглед добивме релативно лесна група во однос на останатите репрезентации од првиот барабан. Португалија е во подем и е фаворит во нашата група, а Турција и Луксембург се со понизок квалитет, но тоа не значи дека, а особено Турција, нема да се обиде да не изненади нас или Португалија. Треба да сме внимателни и на секој меч да влеземе со респект кон противникот, но и мотивирани за победа како дома така и на гости. Наша цел треба да биде да сме први во групата. Смената на генерации ќе има влијание во играта, но ако обезбедиме учество на престојното СП преку овие квалификации, новата генерација има можност да создаде нов, автентичен лик на македонска репрезентација, која ќе ги продолжи учествата на големите натпреварувања. Петото место на ЕП во Србија треба да ни биде мотив и цел истото да се повтори, а зошто и да не се надмине – вели младиот десен бек, Мартин Серафимов.

Директен пласман на ЕП обезбедија домаќинот Германија и носителите на медали од ЕП 2022, Шведска, Шпанија и Данска.

Г.И.