Фото: ЕПА

Најдолгиот скок на Трајковски изнесуваше 7,73 м. Холанѓанката Бол го освои златниот медал на 400 м со нов светски рекорд, во финалето на 60 м за мажи победи светскиот рекордер, Американецот Колман, во петобој титулата ја одбрани Видс од Белгија, а двократниот олимписки и светски шампион на отворено во фрлање ѓуле, Американецот Крузер, го освои златото

АТЛЕТИКА – ГЛАЗГОВ

Најдобриот македонски атлетичар во скок во далечина Андреас Трајовски (30) го освои 12-то место на Светското првенство (СП) во сала, викендов во шкотскиот град Глазгов. Постигнувањето на Трајковски беше за шест сантиметри послабо од неговиот личен и македонски рекорд (7,79 м), кој го забележа минатиот месец на 28. Балканско првенство (БП) во Истанбул, на кој се закити со сребрен медал. Златниот медал му припаднаа на Милатиадис Тентоглу од Грција, со скок од 8,22 м, среброто на Италијанецот Матиа Фурлани (8,22 м, послаб втор скок од Тентоглу), а бронзата на Кери Мекклауд (8,21 м) од Јамајка.
Холанѓанката Фемке Бол го освои златниот медал во трката на 400 метри, притоа поставувајќи нов светски рекорд во сала (49,17 секунди). Таа пред две недели на првенството на Холандија истрча време од 49,24 секунди, што тогаш претставуваше исто така светски рекорд. Второто место во Глазгов го освои нејзината сонародничка Лика Клавер (50,16 секунди), а трета е Американката Алексис Холмс (50,24 секунди).
Во финалето на 60 метри за мажи, светскиот рекордер, Американецот Кристијан Колман (6,41 секунди), победи пред својот сонародник Ноа Лајлс, кој заостана за три стотинки, а третопласираниот Аким Блајк од Јамајка за шест.
Од позначајните резултати, во петобојот титулата ја одбрани Нор Видс од Белгија (4.773 поени), а двократниот олимписки и светски шампион на отворено во фрлање ѓуле, Американецот Рајан Крузер, го освои златото (22,77 м). Г.И.