Крилниот кошаркар на Њујорк никс Оби Топин ја протна топката низ нозете и ја допре до таблата пред да ја забие со една рака, со што доби 47 поени со кои победи на натпреварот во забивање за време на олстар-викендот во НБА-лигата, што се одржува во Кливленд. Многумина сметаат дека Топин во последната серија одеше на „сигурно“, изведувајќи недоволно атрактивно забивање, но не и легендарниот Доминк Вилкинс кој му даде 10 поени, како член на стручното жири кое ги оценуваше забивањата.
– Зборувајќи пред натпреварот, рековме дека сакаме да дојдеме тука и да направиме нешта кои луѓето досега не ги виделе. Па, тие забивања никогаш не беа изведени за време на натпревар во забивање. Се чувствував добро – вели Топин за разговорот со неговиот тренер за забивање, со кого се подготвуваше за учеството на олстарот.
Топин во финалето го победи Хуан Тоскано-Андерсон од Голден стејт вориорс. Кошаркарот на Њујорк никс претходно загуби од Анферни Сајмонс од Портланд трејлблејзерс во финалето на натпреварот во забивање, во неговата дебитанската сезона во НБА.
– Знаев дека ќе се вратам за мојата одмазда од минатата година и се забавував додека го правев тоа. Имаме многу извонредни забивачи тука денес. Задоволен сум што победив – порача Топин.
Центарот на Минесота тимбервулфс, Карл Ентони-Таунс постави рекорд на финалната рунда во натпреварот во шутирање тројки, со 29 поени (три повеќе од конкурентите Лук Кенард од ЛА клиперс и Треј Јанг од Атланта), за да стане првиот кошаркар што настапува на центарските позиции кој славел во натпреварувањето уште од Кевин Лав во 2012 година.
За време на олстар-викендот се одигра и ревилен меч во кој учествуваат славни личности, како и дуелот помеѓу дебитантите и кошаркарите кои ја играат втората сезона во НБА-лигата, во кој за најкорисен играч беше прогласен Кејд Канингем од Детроит пистонс, првиот пик на овогодишниот драфт. A тимот на дебитантите победи во натпреварувањето во вештини. Олстар-натпреварот помеѓу најдобрите кошаркари во НБА-лигата ќе се игра претстојнава ноќ, од 2 часот по полноќ.