Мечот во Бар ќе биде единствена проверка пред почетокот на претквалификацискиот циклус за пласман на ЕП 2025

ПО ПОДГОТОВКИТЕ ВО МАВРОВО

Машката сениорска кошаркарска репрезентација на Македонија вечерва (19 ч.), во спортската сала „Тополица“, во црногорскиот град Бар, ќе ја има единствена проверка пред почетокот на претквалификацискиот циклус за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2025 година. По еднонеделните подготовки во Маврово, кошаркарите ќе имаат можност во Бар да го проверат сработеното како на физички така и на тактички план до претстојните два дуела во групата, а тоа се со селекцијата на Данска, на гости на 25 август, а по три дена и против Словачка, на домашен терен во Скопје.
Селекторот на македонската репрезентација, Алекандар Јончевски, за дуелот со Црна Гора одбра 13 играчи, односно сите што се појавија на почетокот на подготовките и кои тренираа во Маврово. Тоа се: искусниот предводник, капитенот Војдан Стојановски, Андреј Магдевски, Бобан Стајиќ, Дамјан Робев, Андреј Јакимовски, Стојан Ѓуроски, Бојан Крстевски, Андреј Маслинко, Виктор Ефремовски, Теодор Симиќ, Лука Савиќевиќ, Марко Миловановиќ и Димитар Пандев. По враќањето од Црна Гора, се очекува на репрезентацијата да ѝ се приклучат Ненад Димитријевиќ и Кристијан Николов.
Како што е познато, Македонија во овие претквалификации за ЕП е во групата Д, заедно со селекциите на Данска, Словачка и Норвешка. Само првопласираната репрезентација ќе игра во квалификациите за ЕП во 2025 година.
Г.И.


Младите во Тиват

За Црна Гора вчера тргна и селекцијата на млади кошаркари (под 14 години), која во рамките на подготовките за настап на турнирот „Словенија Бол“, во Словен Градец, ќе реализира контролни натпревари.
Во салата во Тиват, избраниците на селекторот Александар Јованчев ќе одиграат две пријателски средби. Првата е закажана за денеска (18.30 ч.), а втората за утре (12 ч.).