Фото: Маја Јаневска-Илиева

Треба да одиме со помислата дека треба да победиме уште од првата минута, а не да чекаме што ќе се случи, вели Димитријевиќ. Македонија игра со Естонија в петок (18 часот) на гости и со Полска в понеделник (18.30 ч.) во Скопје, во последните два меча од квалификациите за ЕП 2025. За пласман на ЕП 2025 Македонија треба да ги победи Естонија (најмалку со шест поени разлика) и Полска и да чека пораз на Естонија на гости во Литванија

КОШАРКА – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2025

Македонија во Скопје ги почна мини-подготовките за натпреварите за пласман на кошаркарското Европско првенство (ЕП) годинава, со Естонија в петок (18 часот) на гости и со Полска в понеделник (18.30 ч.) во Скопје. Во составот на Македонија првпат заедно ќе бидат интернационалците Ненад Димитријевиќ од италијански Милано и Ти-Џеј Шортс од француски Париз.
– Во моментов размислуваме само на Естонија и на натпреварот што мора да го добиеме за да одиме понатаму, а за Полска ќе се подготвуваме потоа. Имаме мотив, имаме желба, составот можеби не е во најпосакуван изглед во моментов. Имаме среќа што Ненад Димитријевиќ е со нас, тука го имаме и Ти-Џеј Шортс. Се надевам дека како тандем ќе функционираат беспрекорно и ќе дојдеме до победа. Со Андреј Јакимовски од Колорадо сум во контакт, се надевам дека и тој ќе се појави во Талин. За разлика од претходниот циклус, сега го имаме Теодор Симиќ, кој се надевам дека ќе помогне под кошевите, најголемиот проблем што го имавме претходно, со такви физички репрезентации. Тука гледам наша шанса и за некоја брза игра, да ги бркаме тие пет поени негатива во Талин – изјави селекторот на македонската кошаркарска репрезентација Александар Јончевски.
За пласман на ЕП 2025, Македонија треба да ја победи Естонија најмалку со шест поени разлика, потоа и Полска (која како еден од кодомаќините игра надвор од конкуренција), но и да чека пораз на Естонија на гости во Литванија во шестото коло.

– Естонија е незгодна репрезентација. И во минатите квалификации имавме проблеми со нив, но мислам дека имаме многу квалитети, во некој налет да направиме успех и да изненадиме на нивен терен. Подготвени сме и едвај чекам да дојде денот на натпреварот. Мислам дека со Шортс сме добри играчи и дека може за два-три дена да се навикнеме еден на друг и да направиме да функционира оваа врска за успех на репрезентацијата. Прво треба да бидеме физички поподготвени. Кошарката оди во тој правец, а Естонија покажа дека физички е многу силна, која сака да трча, има играчи на секоја позиција, дури и евролигашки. Треба да бидеме подготвени за нивната енергија и да одговориме на тоа. Сметам дека тоа е најважно. Треба да одиме со помислата дека треба да победиме уште од првата минута, а не да чекаме што ќе се случи. Треба да излеземе од прва минута за победа – вели Димитријевиќ.
При еднаков број бодови за пласманот на табелата одлучува меѓусебниот дуел на репрезентациите.

– Дефинитивно сум возбуден што пак ќе играм за нешто повеќе од тим, а тоа е држава. Се надевам дека ќе помогнам да ги победиме Естонија и Полска. Го чекам предизвикот. Мене ми е исто дали играм за Париз или за Македонија, ќе се потрудам да помогнам. Нено е лидер на тимот, а јас ќе го дадам моето да му помогнам да го симнам товарот од него. Не сакам да зборувам за очекувања, туку сакам да помогнам да се победува. Знам дека Естонија е млад и гладен тим за успеси. Ќе мора да имаме добра енергија, затоа што знам дека имаат одлична публика. Претходен пат кога играв со Естонија во дресот на Македонија, го почувствував тоа. Сега сакам да биде поинаку – рече Шортс. Г.И.


Почна продажбата на влезниците за мечот со Полскa

Од вчера почна продажбата на влезниците за натпреварот со Полска, кој на програмата е в понеделник (од 18.30 ч.), во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје, во последното коло од групата Х од квалификациите за пласман на Европското првенство годинава, кое треба да се игра во Финска, Кипар, Полска и во Летонија. Цената на влезниците е 300 денари. Г.И.


ГРУПА Х

Естонија – Македонија петок, 18 ч.
Полска – Литванија петок, 18 ч.

ТАБЕЛА
Естонија 4 3 1 307-294 7
Литванија 4 3 1 318-268 7
Македонија 4 1 3 304-321 5
Полска 4 1 3 301-347 5