Четири тима имаат шанси за освојување на „скудетото“, Милан, Интер, Наполи и Јувентус. Во Англија, Манчестер сити води со шест бода разлика, во Шпанија, Реал со осум, во Германија, Баерн е прв со девет бода разлика, а во Франција, ПСЖ со 13 бода предност

ФУДБАЛ – ДЕСЕТИНА КОЛА ДО КРАЈОТ НА СЕЗОНАТА ВО ПЕТТЕ НАЈСИЛНИ ЛИГИ

Во петте најсилни фудбали лиги во Европа (Англија, Германија, Шпанија, Франција, Италија), како што стојат работите во моментов, на десетина кола до крајот на сезоната, најизрамнета трка за титулата ќе се води во италијанската Серија А. Таму четири тима имаат шанси за освојување на „скудетото“, Милан е на лидерската позиција со 60 бода од 28 меча, бранителот на титулата Интер е на второто место со 58 бода (од 27 меча), Наполи е на третата позиција со 57 (28), а Јувентус е на четвртото место со 53 бода (28). Во Серија А треба да се одиграат уште 10 кола.
Наполи, каде што настапува македонскиот репрезентативец Елиф Елмас, е само еден од петте тима во петте најдобри европски лиги што примиле 20 или помалку голови сезонава (Манчестер сити, Челси и Севилја примија по 18, а Наполи и Ливерпул по 20), што му дава надеж на Наполи дека сезонава ќе успее да ја освои првата титула по 1990 година, откако во изминатите девет сезони четири пати беше втор.
Во Англија (треба да се одиграат уште 10 кола) два тима се во трката по титулата, Манчестер сити, кој е прв со 69 бода, и Ливерпул, на втората позиција со 63 бода и еден меч помалку. Се чини дека нивниот дуел на стадионот на Манчестер сити на 10 април ќе го даде одговорот дали Сити ќе ја одбрани титулата, за четврти трофеј во минатите пет сезони или Ливерпул ќе стигне до 20-та титула и ќе се израмни со Манчестер јунајтед. Во Англија е понеизвесна трката за местата што водат во Лигата на шампионите, како и за опстанокот.
Во Шпанија (уште 11 кола до крајот на сезонава) доминира Реал Мадрид, кој е прв со 63 бода, осум повеќе од второпласираната Севилја, а дури 15 повеќе од третопласираната Барселона, која има и еден меч помалку, а ист број бодови има и актуелниот првак Атлетико.
Во Германија (треба да се одиграат уште девет кола), Баерн е на добар пат да ја освои 10-та титула по ред. Баварците се први, со 59 бода по 25 кола, Борусија Дортмунд е втора, со 50 бода и еден натпревар помалку, а трет е Баер со 45 бода. Теоретски, Баерн е достижен, но ќе биде потребно да се совпаднат повеќе комбинации резултати во наредните кола за да се случи такво нешто.
Во француската Лига 1 (уште 11 кола до крајот на сезонава), ПСЖ има предност од 13 бода пред второпласираната Ница, која го доби дербито во неделата со 1-0 (трет пораз за ПСЖ сезонава), односно 15 бода пред Марсеј на третата позиција.