Новите „регулативи за финансиска одржливост“ се составени од УЕФА и од влијателната Асоцијација на европски клубови и „се првата голема реформа“ на правилата за финансискиот ферплеј воведени во 2010 година

ФУДБАЛ

Европската фудбалска унија (УЕФА) донесе нови финансиски регулативи со кои ќе бидат заменети постојните правила за финансискиот ферплеј (ФФП). Ќе се ограничат трошењата на клубовите за плати, за трансфери и за надоместоци на агенти на 70 отсто од приходите. Дозволените загуби во период од три години, исто така, ќе се зголемат од 30 на 60 милиони евра. Новите правила ќе стапат во сила во јуни и клубовите ќе имаат рок од три години да ги применат. УЕФА соопшти дека „прекршувањата ќе резултираат со однапред дефинирани финансиски казни и спортски мерки“. Се смета дека ќе бидат воведени нови засилени казни, вклучувајќи одземање бодови, испаѓање во понизок ранг и потенцијално целосно исклучување од европскиот фудбал. Се очекува на клубовите да им биде дозволено да потрошат 90 отсто од своите приходи во 2023/2024 година, потоа 80 отсто во 2024/2025 и 70 отсто една година подоцна.
– Новите регулативи треба да ни помогнат да ја заштитиме играта и да ја подготвиме за секој потенцијален иден шок, истовремено охрабрувајќи ги рационалните инвестиции и градењето поодржлива иднина за играта – истакна Александер Чеферин, претседателот на УЕФА.
Во соопштението на УЕФА, меѓу другото, се наведува и дека „најголемата иновација во новите регулативи ќе биде воведувањето на правилото за трошоците на тимот за да се има подобра контрола врз трошоците во однос на платите на играчите и на трошоците за трансфери. Регулативата ги ограничува трошењата за плати, за трансфери и таксите за агентите на 70 отсто од приходите на клубот“.
УЕФА ќе им дозволи на клубовите да пријават загуби до 60 милиони евра во текот на три години, наместо 30 милиони евра претходно, а дозволената бројка ќе достигне и до 90 милиони евра за клуб „со добра финансиска состојба“.
Објавувајќи ги новите буџетски правила по неколкумесечни консултации, УЕФА додава дека „отвора ново поглавје и ќе продолжи кон донесување други мерки“. Имаше некои шпекулации околу лимитирање на платите, слично како во некои спортови во САД, но оваа идеја засега е отфрлена.