Претходните два европски првака, Италија и Португалија, на ЕП 2024 ќе настапат со нови селектори во однос на шампионатите во кои ги освојуваа титулите (Спалети на местото на Манчини и Мартинез на местото на Сантос). Досега само Шпанија освои две титули во низа, но репрезентацијата до тие два трофеја беше предводена од два селектора, Арагонес и Дел Боске
ФУДБАЛ
На досегашните 16 европски првенства (ЕП) во фудбал, континенталните шампиони биле предводени од 16 селектори, а традицијата да нема ниту еден селектор со два европски трофеја ќе продолжи и на 17-от шампионат, кој почнува в петок во Германија. Ниту еден од 24-те кормилари досега не освоил европска титула со репрезентација.
Актуелниот европски првак Италија на ова ЕП е со нов селектор во однос на минатото првенство, откако сега на клупата е Лучиано Спалети, а Италија ја освои титулата во 2021 година со Роберто Манчини. И европскиот шампион од 2016 година, Португалија, има нов селектор во однос на претходниот шампионат, Роберто Мартинез, на местото на првакот од пред осум години Фернандо Сантос.
Досега само Шпанија освои две титули во низа, но репрезентацијата до тие два трофеја по ред беше предводена од два селектора, и тоа Луис Арагонес на Континенталното првенство во 2008 година во Австрија и во Швајцарија и Висенте дел Боске на Европскиот шампионат во 2012 година во Полска и во Украина.
Селектори европски прваци се Гаврил Качалин (ЕП 1960 со Советскиот Сојуз), Хозе Вилалонга (ЕП 1964, со Шпанија), Феручо Валкареџи (ЕП 1968, со Италија), Хелмут Шен (ЕП 1972, со Германија), Вацлав Јежек (ЕП 1976, со Чехословачка), Јуп Дервал (ЕП 1980, со Германија), Мишел Идалго (ЕП 1984, со Франција), Ринус Михелс (ЕП 1988, со Холандија), Ричард Мелер Нилсен (ЕП 1992, со Данска), Берти Фогтс (ЕП 1996, со Германија), Роже Лемер (ЕП 2000, со Франција), Ото Рехагел (ЕП 2004, со Грција), Арагонес (ЕП 2008, со Шпанија), Дел Боске (ЕП 2012, со Шпанија), Сантос (ЕП 2016, со Португалија) и Манчини (ЕП 2020, со Италија). Н.М.