Фото: ЕПА

Европската фудбалска унија низ факти и бројки почна со одбројување до почетокот на турнирот, кој ќе се игра во 10 града, вкупно ќе трае 31 ден, за време на кои ќе се играат 51 натпревар, за вкупен награден фонд на ЕП 2024 од 331 милион евра…

ФУДБАЛ – УЕФА ОДБРОЈУВА ДО ПОЧЕТОКОТ НА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО

До почетокот на Европското првенство (ЕП) годинава остануваат помалку од 100 дена, а Европската фудбалска унија (УЕФА) го обележа тоа со одбројување за турнирот низ факти и бројки.

  • Еден: Германија ќе биде единствениот домаќин на ЕП 2024.
  • Шест: Кристијано Роналдо се стреми кон својот шести настап на европските првенства. Неговиот соиграч од репрезентацијата на Португалија, Пепе, и играчот од средниот ред на Хрватска, Лука Модриќ, очекуваат петти настап.
  • Шест: Шест репрезентации што ќе настапат во плејофот за пласман на ЕП 2024 ќе можат да дебитираат на континенталните првенства доколку се квалификуваат, и тоа БиХ, Естонија, Грузија, Израел, Казахстан и Луксембург.
  • 10: Берлин, Келн, Дортмунд, Диселдорф, Франкфурт, Гелзенкирхен, Хамбург, Лајпциг, Минхен и Штутгарт се десетте града во кои ќе се играат мечевите на ЕП 2024.
  • 12: Алберт ќе биде 12-та маскота на европските првенства откако Пинокио беше прв во 1980 година. Алберт го доби своето име преку гласање спроведено меѓу корисниците на интернет-страницата на УЕФА и учениците низ Европа.
  • 14: Домаќинот Германија настапи на најмногу европски првенства од која било друга репрезентација, откако ова ќе биде 14-ти настап. Заедно со Шпанија, Германија освои по три европски титули, повеќе од која било друга земја.

  • 17: Ова ќе биде 17-то издание на европските шампионати.
  • 23: Секоја репрезентација ќе достави список со 23 играчи најмалку седум дена пред воведниот натпревар.
  • 24: На ЕП 2024 ќе учествуваат 24 репрезентации, 20 му се приклучија на домаќинот Германија преку европските квалификации, а три ќе бидат одредени со плејофот во март.
  • 31: Турнирот ќе трае 31 ден, почнувајќи со воведниот натпревар во Минхен на 14 јуни и завршувајќи со финалето во Берлин на 14 јули.
  • 36: УЕФА потпиша договор со Здружението на германските транспортни компании за 36-часовна патна карта достапна за гледачите со билети за натпревар на ЕП 2024.
  • 40: Ќе бидат доделени 40 златни медали за победничката репрезентација и 40 сребрени медали за второпласираните.
  • 51: Ќе се играат вкупно 51 натпревар во 22 посебни натпреварувачки дена.
  • 16.000: Ќе има вкупно 16.000 волонтери што ќе го поддржат успешното одржување на турнирот во Германија.
  • 71.000: Вкупно 71.000 гледачи ќе присуствуваат на финалето на ЕП 2024 на Олимпискиот стадион во Берлин.
  • 2,7 милиони: Повеќе од 80 отсто од 2,7 милиони билети ќе им бидат достапни на гледачите на репрезентациите учеснички на ЕП 2024 и на пошироката јавност.
  • 32 милиони: Стратегијата за животна средина, социјала и управување за ЕП 2024 е поддржана со инвестиција од 32 милиони евра. Турнирот е на пат да биде најодржливото европско првенство на сите времиња.
    l 331 милион: Вкупниот награден фонд за дистрибуција на репрезентациите учеснички на ЕП 2024 е потврден на исто ниво како и за ЕП 2020, вкупно 331 милион евра. Н.М.