СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ЗА ФУДБАЛЕРКИ
Со фуриозен финиш, Шпанија во полуфиналето со 2-1 ја победи Шведска
Женската фудбалска репрезентација на Шпанија за првпат ќе игра во финалето на едно Светско првенство (СП), откако во првиот полуфинален натпревар со фуриозен финиш ја совладаа Шведска со 2-1. До ова СП, кое се одржува во Австралија и Нов Зеланд, црвената фурија никогаш немаше играно ниту во едно полуфинале, а годинава има можност да се бори и за титулата светски првак.
Шпанија поведе со голот на Салма Паралуело дури во 81-та минута, израмни Ребека Бломквист во 88-та и кога се чинеше дека ќе следуваат продолженија, Кармона Гарсија веќе во следната минута со удар од 16 метри ја совлада голманката на Шведска, Зечира Мушовиќ.
Во второто полуфинале, кое на програмата е денеска (12 ч.), ќе се сретнат селекциите на Австралија и Англија. Финалниот меч, пак, ќе се игра в недела во Сиднеј, а ден претходно во Бризбејн ќе се игра и мечот за третото место. Г.И.