Според податоците на УЕФА, нови фудбалери во јануарскиот преоден рок не ангажираа Интер, Лајпциг, Милан, ПСЖ, Порто и Реал М., од нив од Милан и од Порто не замина ниту еден фудбалер, најмногу нови играчи ангажира Челси, осуммина, потоа Баерн, Ајнтрахт и Бенфика по тројца, Борусија Дортмунд, Тотенхем и Наполи по двајца и Клуб Бриж, Манчестер сити и Ливерпул по еден. На 16-те клуба им е дозволено да пријават најмногу тројца нови играчи што ги исполнуваат условите во текот на зимата, пишува УЕФА
ПО ЗИМСКИОТ ПРЕОДЕН РОК
Шест од 16-те екипи во осминафиналето на Лигата на шампионите (ЛШ), меѓу нив и актуелниот европски првак Реал Мадрид, во трката за трофејот пролетва ќе влезат без нови фудбалери во однос на есенскиот дел од сезоната, а два со целосно исти состави, откако кај нив ниту еден не пристигна ниту замина во зимскиот преоден рок што заврши неодамна, според информациите достапни на интернет-страницата на Европската фудбалска унија (УЕФА).
На 16-те клуба им е дозволено да пријават најмногу тројца нови играчи што ги исполнуваат условите во текот на зимата. Не е важно дали тие фудбалери веќе играле во европските купови сезонава за друг клуб, па дури и за друг клуб што уште е во конкуренција во Лигата на шампионите. Клубовите мораа да ги соопштат своите промени во составот најдоцна до синоќа на полноќ, пишува Европската фудбалска унија.
Откако УЕФА ќе ги одобри промените на сите тимови во секое европско клупско натпреварување (Лигата на шампионите, Лига Европа и Конференциската лига), целосниот список ќе биде објавен од Европската куќа на фудбалот. Единствените трансфери помеѓу учесници во осминафиналето на Лигата на шампионите се тие на Енцо Фернандес од Бенфика во Челси и на Жоао Кансело од Манчестер сити во Баерн (на заем).
Според податоците на УЕФА, нови фудбалери во јануарскиот преоден рок не ангажираа Интер, Лајпциг, Милан, Пари сен Жермен, Порто и Реал Мадрид, од нив од Милан и од Порто не замина ниту еден фудбалер (од Интер и од Пари сен Жермен по тројца, а од Лајпциг и од Реал Мадрид по еден, повеќето на заем), најмногу нови фудбалери ангажира Челси, осуммина, потоа Баерн, Ајнтрахт и Бенфика по тројца, Борусија Дортмунд, Тотенхем и Наполи по двајца и Клуб Бриж, Манчестер сити и Ливерпул по еден.
Сезоната во Лигата на шампионите продолжува на 14 февруари, со првите мечеви од осминафиналето, а се среќаваат Пари сен Жермен – Баерн и Милан – Тотенхем. Следниот ден играат Клуб Бриж – Бенфика и Борусија Дортмунд – Челси. На 21 февруари на програмата се двојките Ливерпул – Реал Мадрид и Ајнтрахт – Наполи, а на 22 февруари и натпреварите Лајпциг – Манчестер сити и Интер – Порто. Од 16 февруари почнуваат и плејоф-дуелите за пласман во осминафиналето на Лига Европа и на Конференциската лига.
ЛШ, ОСМИНАФИНАЛЕ
ПСЖ – Баерн 14 февруари
Милан – Тотенхем 14 февруари
Клуб Бриж – Бенфика 15 февруари
Борусија Д. – Челси 15 февруари
Ливерпул – Реал М. 21 февруари
Ајнтрахт – Наполи 21 февруари
Лајпциг – Манчестер С. 22 февруари
Интер – Порто 22 февруари