Меѓу рекордите што може да бидат израмнети или надминати се тие за најмногу светски титули на Пеле, голови на најмногу мундијали на Роналдо, Марта и на Синклер, најмногу мечеви со капитенска лента или на освоени „златни топки“ на Меси…

НА ГОДИНАШНОТО СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ЗА ФУДБАЛЕРКИ

Рекордите на Лионел Меси, Пеле, Кристијано Роналдо и на Сун Вен би можеле да бидат надминати од Сем Кер, Саки Кумагаи, Алекс Морган, Кејси Фер, Меган Рапино и Кристин Синклер на Светското првенство (СП) за фудбалерки што се игра во Австралија и во Нов Зеланд, пишува Светската фудбалска федерација (ФИФА). Во продолжение следуваат некои од рекордите што може да бидат остварени на СП 2023.
73 – Виетнамката Маи Дук Чунг, која наполни 73 години минатиот месец, стана најстарата селекторка во историјата на светските првенства. Таа го надмина Ото Рехагел, кој имаше 71 година и 317 дена кога ја водеше Грција на мечот со Аргентина на Светското првенство во Јужна Африка во 2010 година.
22 – Имаше 22 години и 65 дена разлика помеѓу Бразилките Формига и Мег кога играа заедно на Мундијалот во 1995 година, што е најголемата старосна разлика помеѓу соиграчи во историјата на светските првенства за фудбалерки. Рекордот може да биде соборен од не една туку две двојки, откако кај Аргентинките Лара Еспонда и Ванина Кореа постои разлика од 22 години и 86 дена, а помеѓу Јужнокорејките Кејси Фер и Ким Јунгми од 22 години и 256 дена.
19 – Лионел Меси имаше 19 настапи како капитен на светските фудбалски првенства, а Сун Вен го држи женскиот рекорд со 16. Кристин Синклер по мечот од првото коло досега ја предводеше Канада во 16 наврати на планетарните шампионати.
16 – Кејси Фер, која ќе има 16 години и 26 дена кога Јужна Кореја ќе го почне настапот на СП 2023 против Колумбија, ќе стане најмладата фудбалерка во историјата на светските првенства доколку се појави на еден од воведните два меча. Рекордот во моментов ѝ припаѓа на Ифеани Чиеџин, која имаше 16 години и 34 дена кога истрча за Нигерија на дуелот со Северна Кореја во 1999 година.
15 – Норвешка постигнува гол на рекордни 15 последователни натпревари на светските првенства за фудбалерки, помеѓу 1991 и 1999 година. По првото коло на СП 2023, репрезентациите на Англија и на САД постигнаа погодоци во претходните 14, односно 13 натпревари.

12 – Пеле е единствениот играч што ги освоил светските првенства со разлика од 12 години. Јапонката Саки Кумагаи, која го постигна победничкиот гол од пенал во финалето на СП 2011, може да се израмни со Кралот на стадионот „Австралија“.
11 – Германската фудбалерка од средниот ред Бетина Вигман постигна 11 гола во ова натпреварување, што е рекорд за ненапаѓачка. Тоа е цел на американското крило Меган Рапино, која има девет гола досега на светските првенства.
6 – Марта (Бразил), Кристијано Роналдо (Португалија) и Кристин Синклер (Канада) се единствените играчи што постигнале барем еден гол на пет светски првенства. Бразилката и Канаѓанката ќе добијат шанса да станат први со голови на шест мундијали.
3 – Пеле (Бразил) е единствениот што освоил три светски првенства. Џули Ерц, Алекс Морган, Алиса Нехер, Кели О’Хара и Меган Рапино, сите шампионки на СП 2015 и СП 2019, ќе го имитираат Кралот доколку триумфираат со САД. Морган и Рапино би можеле да станат и првите што ќе се појават во четири финалиња на светските првенства.
2 – Ниту една фудбалерка нема повеќе од еден хет-трик (три гола на еден натпревар) на мундијалите за жени. Рамона Бахман, Кристијана Гирели, Фабиен Хум, Сем Кер и Алекс Морган ќе го почнат годинашното Светско првенство со по еден зад своето име.
2 – Лионел Меси е единствениот фудбалер што двапати ја освоил „златната топка“ за најдобар фудбалер на светските првенства. Марта и Меган Рапино, кои го направија тоа во 2007, односно во 2019 година, можат да го повторат подвигот.
0 – Со исклучок на инаугуративното издание, ниту една од 24-те дебитантски репрезентации не победила во натпревар од нокаут-фазата на светските првенства за фудбалерки. Први ќе се обидат да го направат тоа селекциите на Хаити, Мароко, Панама, Филипини, Португалија, Република Ирска, Виетнам и на Замбија. Н.М.