Фото: „Нова Македонија“

Вкупниот број голови сезонава постигнати од резервни фудбалери во Премиер-лигата е 133, надминувајќи го претходниот рекорд од 132, поставен лани, пишува „Телеграф“

ФУДБАЛ – ПРЕМИЕР-ЛИГА НА АНГЛИЈА

Останаа меѓу осум и 10 натпревари за секој тим во англиската фудбалска Премиер-лига, а соборен е рекорд, откако со голот што го постигна Џастин Клајверт за Бурнмут на дуелот со Кристал палас, сега има повеќе голови постигнати од замени сезонава од која било друга откако е основана Премиер-лигата во 1992 година, пишува британски „Телеграф“. Голот на Клајверт го зголеми вкупниот број на голови постигнати од резервни фудбалери на 133 за сезоната 2023/2024, надминувајќи го претходниот рекорд од 132, поставен лани.
Ова не е една од оние статистики што се нерешлива загатка, поради две главни причини, пишува „Телеграф“. Првата е воведувањето пет дозволени замени по тим, промена на правилото донесено за минатата сезона, а втората е продолжување на традиционалното времетраење од 90 минути на фудбалски натпревар до приближно до 100 во просек, во голема мера благодарение на дополнителните минути поради ВАР.

Скромниот прекар „суперзамена“ обично се применува за играчите што постигнале еден особено незаборавен гол по доаѓањето од клупата. Оле Гунар Солскјер со неговите 17 гола од клупата е на делба на четвртото место со Нванкво Кану и со Даниел Стариџ. Хавиер Ернандез Чичарито е трет со 19, Оливие Жиру е втор со 21, а Џермејн Дефо води со вкупно 24 гола по влегување во игра од клупата за резервни фудбалери, кој изгледа малку веројатно дека ќе биде надминат наскоро, пишува „Телеграф“. Од активните конкуренти, Маркус Рашфорд има 13 гола.
Сезонава најдобри стрелци се Харви Барнс (Њукасл), Жоао Педро (Брајтон) и Скот Мектоминај (Манчестер јунајтед) со по четири гола. Леон Бејли (Астон Вила) и Бренан Џонсон (Спарс) се највисоко рангирани кога се комбинираат голови и асистенции, и двајцата со по два гола и четири асистенции. Тие бројки го изедначија рекордот на сите времиња од четири асистенции во една сезона. Поранешниот напаѓач на Ридинг, Адам Ле Фондре го постави рекордот на сите времиња за најдобар стрелец во една сезона за резервен фудбалер, кога во сезоната 2012/2013 постигна осум гола. Н.М.