Фото: Игор Бансколиев

Премиер-лигата лобира во УЕФА за само два дополнителни меча во групната фаза, наместо предложените четири по тим, односно од досегашните шест, на осум по клуб. Предлозите за реформа на ЛШ и зголемувањето на бројот на мечеви од 125 на 225 би можеле да доведат до играње европски натпревари во ист ден со домашните, сметаат клубовите, пишува „Скај спорт“

ФУДБАЛ

Клубовите од англиската Премиер-лига се загрижени поради „неостварливите“ реформи на Лигата на шампионите (ЛШ) и метежот што би се создал во распоредот на натпреварите. Предлозите за реформа на ЛШ и зголемувањето на бројот на натпревари од 125 на 225 би можеле да доведат до играње европски натпревари во ист ден со домашните, сметаат клубовите, пишува „Скај спорт“.
Досега имаше договор со Европската фудбалска унија (УЕФА) дека не треба да има судир меѓу натпреварите во Лигата на шампионите и натпреварите во Премиер-лигата, а викендите беа резервирани за домашните натпревари. Но постои широка загриженост дека плановите на Европската фудбалска унија може да доведат до тоа европските и домашните натпревари да се совпаѓаат, особено ако се протуркаат предлозите за 10 натпревари во групната фаза во Лигата на шампионите од сезоната 2024/2025, наместо по шест како што е во моментов.

Европската фудбалска унија веќе на големо работи на проширената Лига на шампионите од 32 на 36 екипи, што беше изгласано на состанокот на Извршниот комитет (ИК) минатиот месец. Но Премиер-лигата лобира во УЕФА за само два дополнителни натпревара, наместо предложените четири по тим во групната фаза, односно од шест на осум по тим, пишува „Скај спорт“. Според сегашниот систем, во Лигата на шампионите има вкупно 125 натпревари во сезоната. Доколку турнирот се прошири на по осум групни натпревари по тим, тоа би значело дополнителни 64 меча, вкупно 189 (зголемување од 50 отсто), а 10 групни натпревари ќе значат уште 100 дуела, вкупно 225 меча во ЛШ низ цела Европа (зголемување од 80 проценти).
Новиот „швајцарски систем“ што го предложи УЕФА се очекува наскоро да биде ратификуван од ИК, но има некои најави за компромис. Плановите вклучуваат 36 клуба, сите во една „лига“, во која секој тим треба да игра со осум или 10 различни противници, врз основа на коефициентот на клубот кај Европската фудбалска унија. Најдобрите 16 тима во лигата ќе се пласираат во осминафиналето. Ќе нема натпревари дома и на гости против истите ривали, до нокаут-фазата.