Мечот на стадионот „Амекс“ во Брајтон го проследија 28.994 гледачи, што е рекорд за четврт-финале на ЕП за жени и петта најголема посетеност на меч во историјата на турнирите. Англија на ЕП 2022 има гол-разлика 16-1 и е без пораз на минатите 18 меча
ФУДБАЛ
Англија се пласира меѓу четирите најдобри репрезентации на Европското првенство (ЕП) за фудбалерки, по триумфот во четврт-финалето на мечот со Шпанија со 2-1, по продолженијата (по 90 минути игра беше 1-1). За Англичанките ова е второ последователно полуфинале, вкупно шесто, а за Шпанките трета елиминација по ред во четврт-финале.
Репрезентацијата на Англија досега постигна 16 гола (прими само еден), што е втор најдобар ефект во историјата на ЕП за фудбалерки. Поуспешна е само Германија, која на ЕП пред 13 години постигна 21 гол.
Мечот на стадионот „Амекс“ во Брајтон го проследија 28.994 гледачи, што е рекорд за четврт-финале на ЕП за фудбалерки и петта најголема посетеност на натпревар во историјата на турнирите.
За место во финалето, Англија, која е без пораз на минатите 18 меча, ќе игра со Шведска или со Белгија, во првото полуфинале, во Шефилд, во вторник. Победничките на тој натпревар номинално ќе бидат домаќини на финалето на стадионот „Вембли“ на 31 јули.
Во другите три четвртфинални натпревари играат Германија – Австрија (синоќа), Шведска – Белгија (денеска) и Франција – Холандија (утре). Шведска е единствената репрезентација што стигнала до четврт-финалето во сите 13 изданија на европските првенства за фудбалерки, а селекцијата на Белгија првпат е во нокаут-фазата. Л.Д.